понеделник, 15 декември 2025

Децата што учеа на албански јазик во “Тодор Јанев“ не живеат на адреса во тој реон, откри Јаневска

Настава на албански јазик во општина Чашка од септември ќе има ако бидат овозможени пристојни услови за учениците, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во одговор на прашањето дали има дискриминација во случајот со Основното училиште Тодор Јанев каде што минатата учебна година имаше протести од родители. Осврнувајќи се на ревизорски извештај за спречување на одлив на високообразовани кадри, Јаневска рече дека Македонија губи огромен потенцијал и стана земја извозник на стручни лица наместо да извезува други добра од кои државата би имала корист.

Објавено на

часот

Сподели

Министерката нагласи дека правата што следуваат по закон ќе бидат почитувани, но најсоодветното решение, рече, ќе се бара откако ќе се собере и разгледа документацијата за конкретниот случај.

Посочи дека родителите на десетината деца за кои се бара настава на албански јазик во тоа училиште „пред да настане проблемот“ имале потпишано изјави дека децата ќе им учат на македонски јазик, бидејќи, рече Јаневска, средината е од мешан етнички состав и тие ги знаат двата јазици. Дополнителен проблем е, додаде таа, што дел од нив не се со адреса на живеење во тој реон.

„Како и да е, што и да се случува, МОН ќе направи сѐ тоа да се реши во корист на децата“, изјави Јаневска пред почетокот на конференцијата за инклузивно образование што денеска ја организираше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Додаде дека за проблемот со училиштето Тодор Јанев во Чашка и начинот како е решаван од МОН имало многу неправилности „дури и до тоа што децата кои требаа да учат на албански јазик беа сместени во училиштен дом кој беше затворен и имаше опасност по нивниот живот“.

„Тогашната директорка направи многу прекршоци, па оттука се постигна некаков договор за кој во МОН нема никаков документ, па ние сега бараме од општината да видиме што се случувало во тој договор потпишан од министерот, претставници од родителите и, ми се чини, и од градоначалникот на општината. Значи, правата на сите граѓани во оваа држава по закон ќе се почитуваат. Какви ќе бидат фискалните импликации за решавање на овој проблем во моментот не можам да ви кажам затоа што ја прибираме документацијата. Но, навистина е незамисливо во министерството, каде што министер е потпишан, да нема документација за ваквиот случај“, рече Јаневска.

Минатата учебна година имаше тензии во училиштетот Тодор Јанев во Чашка и неколку месеци протести на родителите кои не дозволуваа децата Албанци да учат на мајчин јазик затоа што по реонизација во училиштето настава се изведува само на македонски јазик.

Родители на ученици Македонци не дозволуваа отворање паралелка на албански јазик, која ја одобри МОН, а ја прифати директорката Елена Николова назначена од претходниот министер Јетон Шаќири, откако тој му ги одзеде ингеренциите врз училиштетот на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски.

Владата во февруари одлучи наставата на сите ученици во тоа основно училиште привремено, односно до крајот на учебната 2023/2024 година, да се реализира во постојниот објект. Според договореното, учениците Албанци имаа настава на албански јазик во просториите на училиштето Тодор Јанев  до завршувањето на учебната година, но административно се под училиштетот Лирија каде што се учи на албански наставен јазик.

Осврнувајќи се на ревизорски извештај за спречување на одлив на високообразовани кадри, Јаневска рече дека Македонија губи огромен потенцијал и стана земја извозник на стручни лица наместо да извезува други добра од кои државата би имала корист.

Според неа, еден од факторите кои влијаат на преселбата на младите луѓе се општествените случувања и  можностите кои државата им ги нуди за да ги задржи.

„Дополнително, одреден број млади луѓе веќе при студирањето се отселуваат од земјата наводно за да студираат на подобри факултети за да имаат подобри можности во животот и најголем број од нив не се враќаат. Набројав само три елементи иако ги има многу. Ќе се фокусираме на сите овие три елементи, значи да им понудиме еден праведен, правичен општествен систем, во кој тие нема да ги чувствуваат негативностите кои во моментот или во минатото постоеја, ќе се справиме со корупција, криминал и непотизам и во училиштата, и во високото образование“, изјави Јаневска.

Во договор со универзитетите, рече, ќе ги модернизираат студиските програми за да одговараат на потребите на пазарот на трудот и Владата „постепено ќе отвора можности за тие да останат да живеат и да работат пристојно во својата татковина и да  придонесат за нејзиниот развој“.

Во одговор на новинарско прашање, министерката информираше дека интензивно се бара решение за простор за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) за кој веќе седум години е во застој изградбата на нова зграда покрај Ректоратот на УКИМ, а студентите следат настава во неколку објекти.

„Ние интензивно бараме решение за тоа. Се сретнавме со деканот на ФИНКИ и Министерството веќе бара опции со кои би им помогнале на студентите да имаат нормални услови за настава“, рече министерката за образование и наука.

Државниот завод за ревизија вчера го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“. Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ