Директорот на Директорот за ЕУ во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Андреј Лепавцов, посочи дека Берлинскиот процес е комплементарен на процесот на пристапување а не е негова замена, и има за цел негово олеснување и забрзување.
„Берлинскиот процес придонесува за подобрување на соработката во рамки на земјите од Западен Балкан во постигнување на стандардите на Унијата и е одлична платформа за поддршка на интеграцијата во ЕУ и уникатен пристап за дијалог и соработка во рамките на самиот Западен Балкан и има инклузивен формат, што ги третира сите земји како рамноправни што е доказ на многу состаноци каде што се доаѓа го конечен одговор на една кохезија меѓу самите земји од Западен Балкан“, рече Лепавцов.
Како предизвици во регионот што се разгвораа на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, Лепавцов потсети дека тие остануваат економскиот раст, безбедноста и миграцијата. Била посочена појавата на нови безбедносни закани особено сајбер и хибридните напади, дезинформациите и надворешните политички влијанија.
„Дополнителни ризици претставуваат и организираниот криминал, нелегалното финансирање и миграцијата кои сериозно го нарушуваат безбедносниот амбиент и стабилноста на Западниот Балкан, поткопувајќи ја институционалната ефикасност и довербата во јавноста“, додаде Лепавцов.
Евроинтеграциите за нас значат прогрес, подобар живот, европски вредности. Затоа секојдневно зборуваме, без разлика од кој политички ентитет доаѓаме, на крајот на денот сите имаме една заедничка цел – втората стратешка определба на оваа држава треба да биде членството во Европската Унија, на кое заеднички треба да работиме, порача заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
Трајков во воведното обраќање посочи дека токму Берлинскиот процес и Реформската агенда се мостовите за заедништво и сплотеност на земјите од регионот, кои ќе ни помогнат да станеме подобри, поконкурентни и многу посилни како држави.
„Но силата доаѓа од заедништвото, бидејќи само со заеднички напори можеме да одиме напред кон подобри денови за оваа држава“, рече Трајков.
Таа посочи дека за Владата еден од врвните приоритети е доследната примена на обврските кои произлегуваат од Берлинскиот процес и Реформската агенда, „кон чија имплементација сме се обврзале – не само како обврска, туку и како потреба за сите нас“.
„Тоа е шанса за наше регионално економско, социолошко и културно обединување, преку кое ќе ги согледаме нашите слабости и ќе ги претвораме во можности. Тоа е и шанса побрзо да се доближиме до ЕУ преку спроведување на европските стандарди и вредности. Сметам дека потенцијалите за создавање можности преку Берлинскиот процес и Реформската агенда се огромни, а улогата на парламентите во регионален, но и национален контекст е пресудна за успешна имплементација на зацртаните планови и приоритети. Листата на задачи кои ни се дадени е долга, но тоа не треба да нè обесхрабрува, туку да претставува голем предизвик за сите нас“, нагласи Трајков.
Заменик-министерката посочи дека спроведувањето на акцискиот план за единствен регионален пазар од 2025-2028, како дел од планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, го стимулира слободниот проток на стоки, услуги, капитал и работна сила во регионот. Од друга страна, додаде таа, реформските процеси, како дел од Реформската агенда, меѓу кои добропознатите реформи на јавната администрација, управувањето со јавните финансии, енергетската и дигиталната транзиција, човечкиот капитал, деловното опкружување и владеењето на правото ќе ги подобрат состојбите и ќе ги зголемат нашите економски и демократски капацитети.
„Охрабрува тоа што дел од овие реформи се веќе спроведени, а дел останува да се спроведат во периодот кој следува. Некои ќе се согласат со мене, а некои не, но навистина сите институции упорно и со сите свои капацитети работат да ги извршиме сите обврски кои ги имаме преземено како дел од реформската агенда“, рече таа.
Додаде дека во овој период се фокусирани на исполнување на 29 чекори до крајот на годинава во областите на јавен финансиски менаџмент, реформа на јавната администрација, енергетика, дигитална транзиција, развој на бизнис секторот и реформи во областа на владеење на правото.
„На крај, оваа влада работи за доброто на граѓаните, бизнисите и државата. Знаеме и можеме подобро, но само ако сме сите заедно. ЕУ нè поддржува во нашите напори да станеме подобри, поуспешни и поконкурентни. Затоа да ги искористиме можностите и да ги вложиме сите наши капацитети. Јас мислам дека можеме и мораме заедно, обединети и сплотени за нас, за нашите млади луѓе и за идните генерации да ја донесеме Европа дома, исполнувајќи ги сите чекори кои ги имаме зацртани во Реформската агенда“, посочи Трајков.
Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС во своето воведно обраќање истакна дека од 2019 година, на самитот во Познан, Полска, се констатирало дека за да се зголеми чувството на сопственост на Берлинскиот процес за крајните корисници , а тоа се граѓаните на Западен Балкан, потребно е да се вклучат парламентите како нивни директни претставници.
„Оттука, иницијативата за парламентарната димензија на Берлинскиот процес започна, нормално со некое задоцнување, сепак подпомогната од германското Министерство за надворешни работи, а Институтот, што е една од нашите најголеми гордости, се вклучи во таа регионална иницијатива. Пред се тука е главната благодарност за визијата на парламентите и довербата на земјите од Западен Балкан, кои се вградија во целокупниот процес и на некој начин му дадоа алатка на Собранието да турка реформи и да им даде можност на граѓаните поблиску да ги разберат, да живеат со нив и исто така да ги поддржат реформите кои произлегуваат од Берлинскиот процес“, рече Трошановски.
Во иницијативата, која започна во контекст на застој на европските интеграции во регионот и која имаше цел да ја зголеми енергетската соработка и инфраструктурното поврзување во регионот, недостигал силен домашен притисок а и самите парламенти биле заложници на некои билатерални спорови кои ги имаме во регионот, поради што не можеле да ги финализираат голем дел од мерките.
„Сепак, имаше голем прогрес во заедничкиот пазар пред сè, но и во другите области – дигитални и зелени трансформации коишто требаше да се случат. Потоа произлезе и Планот за раст, кој покрај тоа што Берлинскиот процес требаше регионално да нè поврзе и вмрежи со Планот за раст се предвидуваше да нè доближи до Европскиот единствен пазар, но и конкретно да поттикне реформи и инфраструктурни инвестиции коишто се во линија или се надополнуваат на ЕУ и овозможуваат на некој начин етапно влегување во некои аспекти на европската архитектура на земјите-членки“, рече Трошановски и додаде дека последниот исчекор е направен со влезот на Македонија во СЕПА.
Нагласувајќи го значењето на Парламентот во целокупниот процес на евроинтеграциите, Трошановски рече дека Институтот над една деценија ги следи и перцепциите на јавноста за неговата работа.
„Последното теренско истражување покажа дека имаше зголемување во онаа сеопшта оценка за перцепцијата на работата на Собранието, мало подобрување после години стагнација или надолни трендови, што е позитивно и кажува нешто добро за проактивноста на парламентарците, но и работата на стручната служба секако во истото. Сепак, онаа перцепција дека Собранието е субординирано или подредено на извршната власт сè уште, за жал, опстојува во голем дел и најмногу има врска со надзорната функција која Собранието треба да ја врши, односно да ја држи Владата одговорна и ја поттикнува да испорачува во нешто што е наш заеднички државен интерес“, рече тој.
Дел од преземените рокови и обврски во рамки на Реформската агенда, како што посочи Трошановски, за жал доцнат во многу фундаментални и круцијални сектори.
„Имавме најава од вицепремиерот Фетаи дека до крајот на годинава може да го очекуваме Кривичниот законик во одреден формат, што би било убава новогодишна честитка за сите граѓани, но исто така и значителен придонес во она што се нарекува ‘фундаменталс’ или реформската област што се однесува на борбата против корупцијата и владеењето на правото. Но и другите закони на коишто се чека, пред сè во делот на судството, каде има релативно голем застој, мораме и немаме изговори да не ги имплементираме. Имаме грејс периоди, од ЕК секако, меѓутоа не смееме да ги користиме пречесто и премногу, бидејќи тоа ја намалува нашата реформска кондиција како систем и како држава. И од тука, Институтот ќе остане посветен да ги сумира, резимира и дава на располагање своите анализи и наоди до вас, пратениците и пријателите на Берлинскиот процес за во иднина што поконструктивни и поинформирани сесии од ваков тип, но и во останатите парламентарни дејности да остане пријател на Собранието и на државата“, рече Трошановски.
Миша Поповиќ од ИЦДС истакна дека владеењето на правото и доброто управување не секогаш е дел од Берлинскоот птоцес
„Исполнувањата на ветувањата од минатиот самит на Берлинскиот процес беа слаби се надеваме дека овие заложби ќе бидат исполнети за разлика од првиот пат кога претседаваше британската Влада“, рече Поповиќ.
Антонио Млошоски се согласи со тоа дека треба да има поголема транспаретнсот и подобро упраување и рече дека оваа денешна седница е доказ дека Собранието е транспарентно и отворено и инклузивно.
„Комисијата за европски прашања разговара за европски теми, за Берлински процес, за Реформска агенда, не се разговара веќе за Законот за лотарија или за законот за марихуана или за други закони кои поминуваа со злоупотреба на европско знаменце“, рече Милошоски.
Посочи дека нашата Реформска агенда и нашата оценка во постигнувањата на тие обврски е еден голем дел можеби и најкрупниот во оценката за понатамошната интеграција.
„Но исто така, за да имаме целосна слика, и самото настанување на Берлинскиот процес како форум укажува на тоа дека проширувањето на ЕУ не зависи само од земјите кандидати. Зависи многу од политичката волја и приоритетите на сите земји-членки на ЕУ, особено кога се носат одлуки во советот на ЕУ. Без таквите одлуки и политичките приоритети не можеме да очекуваме да има посилен имплус во проширувањето на ЕУ“, нагласи Милошоски.
Додаде дека тоа што сега за жал се случува во Украина со руската агресија, дава нова динамика и создаде еден аларм и кај одредени земји-членки кои беа евроскептици по однос на проширувањето.
„И тоа е добар политичко-дипломатски момент, но сепак од она што сме го имале во разговори со колеги пратеници од неколку повлијателни членки на ЕУ забележуваме дека не кај сите земји-членки на ЕУ проширувањето е приоритет“, потенцира Милошоски.
Пратеничката Дијана Тоска од Европскиот фронт рече дека Реформската агенда и планот за раст е домаша задача што мораме да ја исполниме. Но патот кон ЕУ не се реализира само преку иницијативи.
„Патот кон ЕУ влегува во секоја институција, секој закон, секоја процедура и секоја политика што ја спроведуваме дома. Затоа Реформската агенда и новиот План за раст претставува двојна обврска, но и двојна можност. Не се работи само за финансиска поддршка или за услови што треба да ги исполниме. Се работи за функционална правна држава, подобра бизнис клима, поголема транспаретност, поефикасни институции и засилена борба против корупцијата. Тоа е основата за развој и стабилност. Заттоа, улогата на Парламентот е мост меѓу политиките и граѓаните“, истакна Тоска.
Сања Лукаревска од СДСМ посочи дека Берлинскиот процес и Планот за раст и Реформската агенда, како и Извештајот на ЕК треба да се разгледуваат паралелно, и од таму да влечеме соодветни заклучоци во кои сегменти имаме напредок, во кои земји и предничиме од Западен Балкан и каде треба да посветиме огромно внимание, затоа што реформите се тие коишто ќе ни овозможат и повисок стандард и европска интеграција.
„Но она што загрижува затоа што од 2021 година кога исто така имало самит на Берлинскиот процес главниот заклучок тогаш бил дека проширувањето останува стратешка цел, истата таа цел ја имаме и во 2025 дека сепак оттогаш кога се зборувало за проширување се зборува и денес, а ние се уште сме во чекалната“, оцени Лукаревска.
Вториот панел беше посветен на степенот на имплементација на реформите од Реформската агенда во рамките на Планот за раст, како и на улогата на институциите во натамошното спроведување на преземените обврски. Во дискусијата учествуваа, Стефан Ристовски од Институтот за европски политики, Бојана Босилкова од Министерството за правда, како и Тодор Коневски од Министерството за енергетика. Говорниците се согласија дека имплементацијата на реформите мора да биде поефикасна, со јасно следење на напредокот, редовно известување и силна парламентарна контрола за да се забрза процесот на европска интеграција.






