Претставничките од локалните друженија, денеска иницираа закажување на 52. пленарна седница за усвојување на измените на Законот за локална самоуправа, со кои што би се обезбедила финансиска поддршка за административното функционирање на месните заедници и воедно обезбедување просторни капацитети за нивната работа.
Ленче Христова, извршна директорка на Организацијата на жени од Струмица (ОЖС) обраќајќи се до присутните пратеничи во салата истакна дека тие не бараат само технички измени, туку системско решение што ќе обезбеди стекнување на трајни демократски навики, транспарентност, отчетност и реално учество на жените во процесите на одлучување.
„Ве поттикнуваме да ги артикулирате нашите барања и ве охрабруваме да ги поддржите во вашите понатамошни напори за поддршка на овие заложби. Очекуваме од вас да го поддржите процесот преку иницирање на закажување на 52. пленарна седницана која би се донеле измените на Законот за локална самоуправа. Во рамките на седницата, вашата улога во отворена дискусија која ќе обезбеди видливост на овие препораки е од суштинско значење за истите да бидат интегрирани во законското решение. Анализите од нашите резултати укажуваат дека вклученоста на жените е на исклучително ниско ниво, што пак директно влијае врз тоа кои приоритети се препознаваат, како се распределуваат ресурсите и колку локалните политики одговараат на реалните потреби на жените во заедниците“, рече таа.
Христова нагласи две стратешки области каде смета дека се потребни прецизни законски решенија.
„Првата е воспоставување на повеќефазна постапка за учество во планирањето и одлучувањето. Потребно е законот да утврди стандарден, повеќефазен модел на учество на граѓаните, со осигурено значајно и структурирано учество на жените во секоја фаза: Фаза на консултации и прибирање иницијативи; Фаза на јавен увид и консултации по нацрт-документите и Фаза на увид и учество пред донесување на конечната одлука. При тоа, овој модел да биде задолжителен за стратешките приоритети, развојните планови, годишните програми и буџети на општините, проследен со законска обврска за временска транспарентност, отчетност и достапност на сите програмски и буџетски извештаи. Втората област се однесува на јакнење на локалната самоуправа и создавање услови за родово балансирано учество. Потребно е јасно дефинирање на правниот статус на локалната самоуправа, заедно со позитивни мерки кои ќе го поттикнат учеството на жените во органите на месните заедници. Процесите да бидат транспарентни, навремени и инклузивни. Тоа подразбира навремено информирање преку повеќе канали, а не само преку огласните табли во општините, за да можат граѓаните навремено да се подготват и организираат“, рече Христова.
Елизабета Стојанова од Локален женски кружок Сачево истакна дека нивнта борба не е само за еден објект, туку, како што посочи, таа е за рамноправно учество на жените во процесите на креирање на локални политики, за можност секоја жена да ги каже своите потреби и да придонесе кон поквалитетен живот на сите жени во заедницата.
„Јас сум една од активистките во нашето село, која веќе четири години вложува напори да ја зголеми вклученоста на жените од селата во планирање и донесување локални политики. Првата пречка беше охрабрувањето и мобилизацијата на жените да станат посвесни за своите права и можноста да бидат дел од процесите на донесување одлуки. Втората беше промената на ставовите и навиките кај мажите во нашите семејства – сопрузи, татковци, браќа, за улогата на жената во заедницата. По долга и напорна работа успеавме да ги надминеме овие бариери, да мобилизираме повеќе жени и да ја добиеме нивната поддршка, како и поддршката од мажите. Третата пречка беше обезбедување простор за состаноци и активности на нас жените. Просторијата што ја баравме беше заземена, и само по интервенција од општината можеше да ни биде доделена. Овој пример ја покажува нашата макотрпната работа со која се соочуваме, и за вложувањето на жените за да обезбедиме само елементарни услови за наше организирање и споделување искуства“, рече таа.
Натка Пацурова од Локален женски кружок Злеово потенцира дека за да не се случи самоволието и последиците од групи и поединци, најчесто, вели мажи, кои можат да ја блокираат иницијативата и повторно да ги исклучат жените од одлучувањето, бараат системска гаранција за вклучување на жените во месните заедници, редовни, јавни и отворени состаноци со сите граѓани и институционална поддршка на женските иницијативи.
„Изборите за месните совети во нашите рурални села се одвиваат без жени. Мажите сами се собираа, сами предлагаа и сами одлучуваат. Жените не беа повикувани, ниту сметани како дел од процесот на одлучување. Промената кај нас се случи на 21 март 2022 година кога процесот за изборите на месните заедници беа навремено и транспарентно објавени за изборите на месните совети со локации, термини и датумот на избор. Ова ни даде простор да се самоорганизираме. Жените од Злеово се собраа, се договорија и масовно учествуваа на изборите. Резултатот беше избор на две жени во Советот на месната заедница и јас бев една од нив. Нашиот пример покажа дека жените не само што сакаат, туку и знаат како да придонесат кога им е овозможен простор“, рече Пацурова.
Претседателката на Радика ДЕ Дебар, Фадрије Мустафовска истакна дека во нашата држава економската независност на жените останува еден од најголемите структурни проблеми, а во руралните средини овој проблем станува уште поизразен. Нагласи дека нивното искуство покажува оти жените од руралните средини ретко аплицираат за субвенции, обуки или програми за вработување не затоа што немаат идеја или желба, туку, како што рече, затоа што критериумите не ја препознаваат нивната реалност. Потенцира дека жени без формално образование, жени без сопствен имот, жени кои се грижат за деца и стари лица – се исклучени уште на старт.
„Со поголема финансиска поддршка, прилагодени критериуми и поедноставени административни процедури, овие програми конечно би ја исполниле својата цел. Ова не е само наша препорака. Ова е официјална препорака на Европската унија, која ја нагласува потребата од таргетирани програми за специфични категории граѓани – меѓу кои се и жените од руралните средини и другите ранливи категории. Затоа и нашата држава мора да го следи ова, како дел од европските обврски. Со други зборови – кога на жените им се дава вистинска, реална шанса, тие ја користат“, рече таа.
Мустафовска нагласи дека време е економската активација на жените да стане национален приоритет, поддржан со реални, добро финансирани и добро дизајнирани мерки, скроени според потребите на жените. Таа потенцира дека со поголеми буџети, инклузивни критериуми и развој на специјализирани програми, ќе создадеме услови стотици жени во руралните средини да станат економски активни – да заработуваат, да придонесуваат за себе и за своите семејства, и да го градат својот живот со достоинство.
Весна Ѓорѓиева, заменик-претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите нагласи дека жените се тие кои ги носат промените во општеството. Потенцира дека како заменик-претседателка на Комисијата нејзина цел е да ги поддржува жените и да ја истакне важноста на нивната моќ.
„Ние жените можеме да влијаеме и да ги менуваме заедниците, локалните средини, преку нашата активност и работење. Ние сме тие што ги носат промените во општеството. Можеби некогаш мажите малку знаат, да речам, да не омаловажуваат, знаат да речат „ах жена“, но навистина ние сме силата и столбот во државата. Јас верувам во сите нас и посебно ми е драго што денес не сме само претставници на институциите, туку овде сме како глас на жените, од секоја средина – секое мало место, секоја општина, секоја рурална заедница, од сите пори каде жената е присутна. Локалните средини се местото од каде треба да започнат сите промени, каде што ние треба да учествуваме. Кога имаме жени кои се активни и политичарки, како и граѓанки во граѓанскиот сектор, тогаш сметам дека општеството ќе биде многу подобро за сите“, рече Ѓорѓиева.






