понеделник, 19 јануари 2026

Дарко Митровиќ го фати крстот во Вардар, 160 учесници на Водосветот во Скопје

Дваесет и четригодишниот Дарко Митровиќ од општина Центар, роден на 3 јули 2001 година,  денеска беше најсреќен и го извади светиот и животворен крст од водите на Вардар во рамки на централната манифестација за одбележување на празникот Водици во Скопје, што се одржа кај мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј ин“.

Објавено на

часот

Сподели

Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан пред положувањето на крстот во Вардар истакна дека Богојавлението е празник на обновувањето, на можноста за запознавање со Бога.

„Како што вели Св. Климент Охридски ние треба да го слушнеме Христовиот глас, да се покаеме, просветлувајќи се со смирение, цветајќи со братољубие, приближувајќи се кон Бога со гостопримство, вознесувајќи се до небесата со постење и правејќи се синови божји со милостина“, рече г. г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан нагласи дека должноста на секој христијанин е преку честит и богоугоден живот да се подготвува за вечна заедница со Бога, од тука, како што рече, потребно е постојано да бдееме над своето срце, над мислите, зборовите и делата за благодатта што ни е дадена да остане плодотворна.

„Токму затоа, особено денес нè допираат зборовите кои штотуку ги испеавме – гласот Господов над водите повикува пријдете и примете го сите духот на премудроста и разумот, духот на Христа кој се јави. Овој повик е упатен до секој нас. Сите сме призвани да пристапиме, да вкусиме и да учествуваме во радоста на Богојавлението, во радоста на самиот Господ“, потенцира г. г. Стефан.

Дарко Митровиќ на подарок доби осветена икона и библија од г.г. Стефан, а икони доби и од градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Доби и ваучер со вредност од 15.000 денари од компанијата „Зегин“.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организираше традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на чесниот крст.

Годинава имаше пријавено околу 160 граѓани, кои се обидоа да го фатат крстот што беше положен во реката Вардар. Пријавувањето за учеството на манифестацијата „Водици 2026“ беше од 3 до 16 јануари зад соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Митрополијата.

Одбележувањето на празникот Богојавление почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде богослужеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.

По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде почна Водосветот, а потоа во 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ