четврток, 5 февруари 2026

Даноците и цената на паркингот во Скопје ќе останат исти, потврди градоначалникот Ѓорѓиевски

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска на прес-конференција изјави дека не размислува за зголемување на даноците. Тој рече дека Град Скопје сè уште не е во состојба во каква што заслужуваат скопјани да живеат.

Објавено на

часот

Сподели

„Сè уште ги немаме целосно доведени состојбите во ред. Зошто? Затоа што даваме сè од себе до последен атом, но ни треба време за да ги решиме сите процеси“, одговори тој на новинарско прашање по обраќањето за сработеното откога е на функција, како и за проектите што доаѓаат во иднина.

Ѓорѓиевски рече дека и покрај тоа што имаме најниски даноци во регионот, смета дека тие не треба да се зголемуваат.

„Ние сè уште како Град немаме дадено услуги на граѓаните какви што заслужуваат за да можеме да размислуваме на оваа тема. Но, јас сметам дека даноците не треба да се покачуваат“, додаде градоначалникот.

Не е во план ни зголемување на цените на паркинзите.

„Има институции што плаќаат услуги на паркинзите, меѓу кои и вработените во Град Скопје, по повластени цени – нема да има така. Таква работа нема да има. Вработените овде земаат плата и тие се исти како останатите граѓани во градот Скопје. И ќе си плаќаат колку што треба износ. Не може некој да плаќа 400 денари, а вие да плаќате 1.400 за месечна карта. Секој ќе си плаќа колку што е износот – тој ќе биде ист за сите. Тука толеранција нема да има. Но, тоа не значи зголемување цени, туку воспоставување ред“, одговори Ѓорѓиевски на новинарско прашање.

Во план било зонско паркирање на повеќе места низ градот.

Прашан за објектот на Езерце, тој рече дека таму се прави детско катче.

„Тоа беше јавен тоалет без никаква документација. Многу од состојбите во градот Скопје беа оставени на злоупотреба низ годините на поединци од една страна, а од друга страна пак и место на девијантни појави“, одговори градоначалникот.

Тој најави целосно чистење на езерцата, во план бил жив свет, нешто атрактивно за младите, но и да се обнови паркот.

За Калето кажа дека започната е постапката каде што како Град Скопје, ќе ја преземат надлежноста.

„Таму има патеки што треба да бидат реконструирани, портата треба да претрпи реконструкција бидејќи не е во добра состојба, но и целиот потег внатре. Откако ќе ја преземеме целосно надлежноста, ќе започнеме со сериозни активности и зафати таму“, најави Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање за автобусите, тој рече дека дел од новите автобуси ќе пристигнат до крајот на оваа година. Наместо ветените 80 автобуси, ќе биле набавени сто. Помината била одлуката на Влада и градоначалникот верува за брзо ќе започне испораката.

„Добро е што 30-на автобуси ставивме плус во функција, а стоеја во гаражи неисправни“, појасни тој.

Преку БРТ проектот ќе биле обезбедени дополнителни 30 автобуси.

„Да бидам попрецизен, оваа година ние ќе испорачаме најголем дел од автобусите што треба да стигнат, а се бројка наместо 80 – сто плус 30 преку проектот БРТ“, дециден беше Ѓорѓиевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ