вторник, 20 мај 2025

Даниловски напиша што треба да прави новиот министер за здравство

Докторот Драган Даниловски, кој важи за еден од нашите најдобри познавачи на здравството, по оставката на министерот за здравство Арбен Таравари, на новиот министер му ги скицираше задачите што му претстојат. Со штитот или на него! Му порача Даниловски на новиот министер.

Објавено на

часот

Сподели

Забелешките на Даниловски ги пренесуваме во целост:

Здравствениот систем во Македонија се соочува со сериозни структурни, кадровски и организациски предизвици. Терцијарната здравствена заштита е оптоварена од политизирано управување, недоволна автономија на клиниките и отсуство на долгорочна кадровска и финансиска стабилност.

Истовремено, примарната и секундарната заштита се соочуваат со недостиг на здравствен персонал, застарена опрема, нерамномерна дистрибуција на ресурси и намалена доверба од страна на граѓаните.

Финансискиот модел останува нефлексибилен и неефикасен, додека дигитализацијата и интеграцијата на нивоата на здравствена заштита се сè уште на почетно ниво.

Политичкото влијание врз управувањето со јавните здравствени установи придонесува за неефикасност, корупциски ризици и отсуство на мерит систем во кадровската политика.

Во такви околности, од новиот министер за здравство се очекува не само техничко управување, туку и храбри, системски, надпартиски и професионални реформи.

Следните краткорочни и долгорочни мерки се предлог за насочување на реформските процеси кон стабилен, одржлив и праведен здравствен систем.

Краткорочни мерки (рок од 6–12 месеци)

1. Засилување на управувачките капацитети на Министерството за здравство – Светската здравствена организација (СЗО) и Министерството за здравство во јуни 2023 година почнаа иницијативи за подобрување на управувачките функции на Министерството, заради констатирани огромни слабости. Немам информација до каде е дојдено со активностите. Новиот министер приоритетно треба да ги продолжи (или допрва да ги започне) активностите на тој план.

2. Борба со корупцијата:

• Здравствените работници кои се вмешани во корупција да бидат строго санкционирани.

• Воспоставување на автоматизирани системи за наплата и одобрување на здравствените услуги, за да се елиминира можноста за манипулација со пари.

• Применување на системи кои овозможуваат јасна и транспарентна распределба на платите, со сите додатоци и бонуси, и тоа да биде јавно достапно.

• Ригорозна контрола на дополнителната дејност на докторите во матичната јавна здравствена установа или во приватна здравствена установа, по работното време (член 222 од Законот за здравствена заштита).

• Воведување на електронски здравствени записи за да се спречи злоупотребата на медицински документи и да се обезбеди транспарентност во лекувањето.

• Создавање дигитални платформи каде што пациентите или други здравствени работници можат анонимно да пријават случаи на корупција, кои ќе бидат проверени од независни тела.

• Здравствените институции да бидат подложни на редовни ревизии и да имаат обврска да објавуваат податоци за трошењето на јавни средства.

• Да се воведат транспарентни и ефикасни процедури за јавни набавки, со цел да се намали ризикот од корупција и неправилности.

• Да се засили контролата и надзорот над процесот на јавни набавки.

3. Итно зајакнување на кадровскиот капацитет преку:• Мобилизација на постоечкиот кадар.

• Негово распоредување во установи каде што е најпотребен, со цел оптимално искористување на опремата.

• Организирање на обуки за медицинскиот персонал за правилно користење на современата медицинска опрема.

• Воведување на стимулативни пакети (дополнителни дежурства, бонуси) за задржување на клучниот медицински кадар.

• Ангажирање на здравствени работници преку скратени процедури таму каде што има недостиг (гинеколози, анестезиолози, медицински сестри).

4. Ажурирање на инвентарот и функционалната состојба на опремата преку:• Итно спроведување на детален попис на целата медицинска опрема, со посебен акцент на нејзината функционалност и потребата за сервисирање.

• Идентификација на опремата која е со години нефункционална или недостапна за користење поради недостаток на сервис и одржување.

• Формирање на национален регистар за опрема, кој ќе овозможи следење на состојбата, локацијата и искористеноста на опремата.

• Само врз основа на податоците од регистарот, да се планираат идните набавки на опрема.

5. Евидентирање на здравствени установи кои немаат соодветни простории или инфраструктура за инсталирање и користење на современата медицинска опрема.
6. Подобрување на координацијата помеѓу различните здравствени установи заради елиминација на непланирано распределување на опремата, што доведува до нејзино неефикасно користење.

7. Подобрување на хигиенските услови преку обезбедување на доволно количество на основни хигиенски материјали, како што се ракавици, стерилни материјали и дезинфекциски средства.

8. Намалување на листите на чекање преку:

• Преиспитување и реорганизација на термините преку „Мој термин“.

• Обезбедување на почитување на Законот за здравствена заштита (ЗЗЗ), член 39 („Листа на закажани прегледи и интервенции“), член 39-а („Упатување на пациенти“), член 39-б („Почитување на термин закажан преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции од здравствениот работник кој дава специјалистичко-консултативни услуги“), член 39-в („Контрола на упатувањето на пациенти и на електронската листа на закажани прегледи и интервенции за користење на здравствените услуги“), член 39-г („Овластено лице за контрола“), член 39-д, ѓ, е, ж, з, ѕ, и („Вонтеренска, теренска, редовна и вонредна контрола“).

• Изедначување на достапноста на здравствените услуги во јавното и приватното здравство, преку учество со термини во „Мој термин“ и на приватните болници.

9. Почитување на членот 92-в (став 1, 3, 4, 5, 6 и 7) на ЗЗЗ („Обврски на директорот и здравствените работници во однос на медицинската опрема“) и членот 92-г („Национален систем за материјално-финансиско и сметководствено работење во јавните здравствени установи“).10. Почитување на членот 226-а од ЗЗЗ („Видео надзор во јавните здравствени установи“).

11. Почитување на членовите 233-239 на ЗЗЗ, според кои здравствената установа што врши болничка здравствена дејност е должна да формира Комисија за следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита.

12. Почитување на членовите членовите 239-а, б, в, г, д, ѓ, кои предвидуваат формирање на Систем за стратешко планирање и менаџмент и избалансирано оценување на постигнувањата преку утврдување на урамнотежен план на постигнувања (BSC – Balanced Score Card).

13. Покренување постапка за бришење (или измена) на став (1) во членот 161 („Одлука за избор“) од ЗЗЗ, според кој „работоводниот орган на здравствената установа (директорот, моја заб.), врз основа на ранг-листа предложена од комисијата за селекција со најмалку тројца кандидати, доколку има повеќе од тројца кандидати кои ги исполнуваат условите спроведува интервју и, донесува одлука за избор на кандидат“ и бришење (или измена) на став (3) во членот 162 („Интерен оглас“), според кој „работоводниот орган на здравствената установа (директорот, моја заб.) спроведува интервју и донесува одлука за избор на кандидат“. Образложение: минимизирање на ризиците за корупција.

14. Централизација на јавните набавки за рационализација на трошоците.

15. Обезбедување на резерви на витални лекови и реагенси за најмалку 3-6 месеци.

16. Подобрување на примарната здравствена заштита

• Стимулација за отворање/рестартирање на амбуланти во руралните средини.

• Времено субвенционирање на докторите кои ќе преземат патронажни или рурален ангажман.

17. Зајакнување на мрежата на итна медицинска помош (набавка на нови возила, воспоставување на соодветен електронски систем за управување и следење на целосниот возен парк на возилата за брза помош низ целата земја).(Проблемот требаше да се решава од страна на Европската Унија преку инструментот IPA-III, наменет за пружање помош на земјите од Западен Балкан. Не располагам со информации дали е воопшто почната реализацијата.)

18. Воведување на неделни брифинзи од страна на Министерството за здравство за јавноста.19. Отворање на директни линии за пријави на неправилности и поплаки од пациенти.

Долгорочни мерки (1–7 години)

1. Ревизија на (формално) постоечката „Стратегија за здравство, 2021-2030“ (или донесување сосема нова!) и донесување на Акциски планови за секоја нејзина цел, за да се овозможи нејзина имплементација. Стратегијата да биде усвоена во Собранието, за да добие сила на закон, а со тоа да се издигне на ниво на еден вид „устав“ во здравството, кој мора да го почитува секој нареден министер за здравство (Влада). Тоа би обезбедило долгорочен континуитет на реформите во здравството (барем 10 години).

2. Да се воведе нов модел на финансирање врз основа на перформанси (Performance-Based Financing – PBF). Целта на оваа стратегија е да ги стимулира давателите на здравствени услуги да го подобрат квалитетот и квантитетот на услугите, со тоа што нивното финансирање ќе зависи од нивната способност да исполнат однапред дефинирани цели.

Особено се препорачува во примарното ниво на здравствена заштита.

PBF може да се комбинира со веќе познатиот систем на дијагностички сродни групи (Diagnosis Related Group – DRG) за класификација на случаите на пациенти во групи врз основа на дијагноза и третман, со однапред одредена исплата за секоја група.

3. За надминување на монополот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), кој досега единствен управува со придонесите и го контролира финансирањето на здравствените услуги за целото население (и тоа без вистинска конкуренција, што создава простор за неефикасност, политичко влијание и недоволно иновација), да се воведе плурализам во здравственото осигурување преку воведување на втор, паралелен фонд за здравствено осигурување.

Тоа може да биде јавна или полуприватна институција која ќе функционира според јасни, регулирани и транспарентни правила, а граѓаните (работодавачите) би имале право на слободен избор каде ќе ги уплатуваат своите здравствени придонеси.

Овој модел – практикуван во неколку европски земји – ја стимулира конкуренцијата, ја подобрува услугата, ја намалува политичката интервенција и овозможува вистинска ориентација кон пациентот.

4. Разработка и спроведување национална стратегија за развој и задржување на здравствениот кадар, со цел значително намалување на одливот во приватните болници и странство.

5. Воведување на електронско здравствено досие и интеграција на сите нивоа на здравствена заштита преку воспоставување на единствен информатички систем, што ќе овозможи потполно дигитално следење на пациентите и подобра координација меѓу здравствените установи.

6. Реформа на примарната здравствена заштита преку:

• Воведување тимски пристап (лекар, медицинска сестра и соработници)

• Паралелно со системот на капитација, воведување на систем на финансирање преку постигнување на однапред одредени цели (финансирање врз основа на перформанси) (Performance-Based Financing – PBF), заради стимулирање на квалитетот на услугите.

7. Да се унапреди и изедначи квалитетот во пружањето на здравствената заштита во регионалните болници, за да се растовари притисокот врз терцијарното ниво (регионализација).8. Формирање јасна правна рамка и стимули за инвестиции во јавно-приватни партнерства.

9. Подобрување на имплементацијата на постоечките национални програми за превенција и контрола на хроничните болести и воспоставување на нови, како и промоција на здрав стил на живеење.

10. Креирање и одржување на јавноздравствен портал со едукативни содржини, кој ќе обезбеди пристап до здравствени информации на граѓаните.

11. Интеграција на универзитетските клиники во единствен Универзитетски клинички центар. Тој да се интегрира во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Моделот на интеграција се базира на добри европски практики и има за цел да обезбеди департизација, академска автономија, стручна ефикасност и зголемена транспарентност во управувањето со Универзитетскиот клинички центар.

– Во Германија, универзитетските болници се правно интегрирани во универзитетите, но функционираат со специјален статус и се ко-финансирани од федерални и покраински власти.

– Во Холандија, академските медицински центри имаат статус на автономни јавни институции под универзитетска капа.

– Во Австрија, универзитетските болници се дел од универзитетите, но подложни се на државен здравствен надзор.

– Во скандинавските земји (Шведска, Данска), клиниките имаат висок степен на академска автономија, но се поврзани со регионалните здравствени власти.

За моделот на интеграција во Македонија, неопходна е претходна правна трансформација:• Измени на Законот за здравствена заштита и Законот за високото образование.

• Изработка на Закон за интегрирано универзитетско здравство

• Пренос на основачките права од МЗ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

• Управни одбори со академско мнозинство

За следење на имплементацијата да се формира Национален координативен совет за реформа на терцијарното здравство.За реализација на оваа идеја неопходен е широк јавен консензус со учество на професионални здруженија и граѓански сектор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ