Димитровски доби поддршка од коалицијата „Твоја Македонија“, ЗНАМ и Вреди, но за него не гласаа советниците на Левица и СДСМ, иако рекоа дека сепак ќе го поддржат во работењето.
Во обраќањето по изборот, тој рече дека ќе се залага Скопје да стане подобро место за живеење, да има почист воздух и почиста животна средина, подобар јавен превоз, поквалитетно управување со отпадот,…
„Како претседател ќе се залагам за три клучни принципи во работата на Советот. Прво: транспарентност – секој граѓанин ќе има право да знае како се носат одлуките, каде се трошат јавните средства и како ќе се реализираат проектите. И ќе ги отвориме вратите за јавноста. Ќе промовираме дигитална достапност и отчетност во секој чекор на советот. Второ: дијалог – ова Собрание ќе има различни ставови за различни прашања, но не смее да има непријатели во советот. Трето: визија – иако градот има многу дневни проблеми, сакаме да градиме и Скопје за следните генерации. Да вложуваме во трајни проекти, зеленило, урбана култура, иновации и во нови можности за младите“, истакна Димитровски.
Тој најави дека ќе ги води седниците на Советот на Скопје во духот на почитувањето, аргументираната дебата и конструктивноста.
„Ова не треба да биде само совет што зборува, туку прво треба да биде совет што слуша“, подвлече Димитровски и дополни дека ќе биде претседател на дијалогот, а не на поделбите.
Димитровски информира дека следната недела ќе има седница за ребалансот на буџетот на градот.
На почетокот на денешната седница советниците прочитаа и потпишаа изјава за стапувањето на функцијата.
Советот на Град Скопје има вкупно 45 советници, а на денешната седница беа присутни 44.






