Како што тврдат од левица, станува збор за објектите во кој е сместен Меѓународниот универзитет Струга, формално во сопственост на блискиот соработник на Рамиз Мерко, Армен Кадриу.
„Сомнежите се дека овие бесправно изградени објекти биле легализирани со Решение за легализација во 2012 година (иако факултетот постои од 2009 година). Скандалозното е што објектите во кои е сместен универзитетот се легализирани како семејни куќи (А1), наместо како објекти со намена-образование. Со други зборови, контроверзниот факултет на градоначалникот во заминување урбанистички е заведен како семејна куќа! Со ваквата легализација, Мерко ја оштетил општина Струга (каде тогаш бил власт) со неплатени комуналии од дури 90.000 евра“, велат од Левица.

Затоа партијата прашува, зошто министерката Весна Јаневска молчи после спроведениот инспекциски надзор во овој универзитет и дали всушност се работи за предизборни договори и пазарења помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Рамиз Мерко?
Левица ги повикува надлежните институции да ги испитаат сомнежите дали овој универзитет е легализирана дивоградба како семејна куќа и дали оваа образовна установа има одобрен ПП елаборат, одобрена техничка документација и дали постои одобрен проект за образование со потребните елаборати и согласности?
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски повеќе од една година се централна власт и токму тие се најповикани да стават крај на незаконитостите на струшкиот универзитет. Наместо Мицкоски да шири празни флоскули дека расчистува со криминалот на ДУИ, време е неговите министри да преземат реални акции за откривање и санкционирање на бруталното безаконие, кое позади себе го остави токму Рамиз Мерко“, велат од Левица.






