недела, 7 декември 2025

Да се прецизира Изборниот законик заради рамноправен пристап до платено политичко рекламирање, препорача ДКСК

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска на 24. седница го разгледа и усвои Извештајот од антикорупциска проверка на одредби од Изборниот законик во делот на медиумското претставување. Како што изјави потпретседателката Цвета Ристовска, извештајот ќе го достави до институциите со цел да се направи усогласување на одредени членови за да се прецизира дефинирањето на учесник во изборна кампања, како и рамноправен пристап до платено политичко рекламирање за сите учесници.

Објавено на

часот

Сподели

Ристовска посочи дека ДКСК утврдила три регулаторни ризици со сегашното дефинирање на процесот на платено политичко рекламирање во Изборниот законик, поради двосмислена терминологија, која може да се толкува различно.

Првиот се однесува на член 75 ѓ став 1 од Изборниот законик кој гласи: „За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група можат да одвојат една минута која се распределува по претходен писмен договор и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати можат да одвојат триесет секунди кои се распределуваат по претходен писмен договор.“

„Законодавецот употребил зборови како „може“ и „најмногу“, кои во контекст на останатиот текст оставаат простор за различно толкување, може не упатува на облигација, поради што при примена на законот може поинаку да се толкува“, рече Ристовска.

Таа додаде дека и поимот „најмногу четири минути“ исто така доведува до нејаснотии, поради тоа што вака како што е напишан ставот 1 ја пропишува горната граница на платеното политичко рекламирање, која не смее да се надмине, но не е пропишана долната граница.

„Ова отвора простор одредени субјекти кои го применуваат законот, различно да го толкуваат и да го применуваат во двата случаи“, рече Ристовска и нагласи дека ДКСК препорачува користење на јасен и недвосмислен јазик за законските одредби за платено политичко рекламирање кај радиодифузерите во членот 75 ѓ став1.

Првиот регулаторен ризик, дополни таа, е во директно причинско-последична врска со вториот регулаторен ризик, кој се јавува, поради нецелосна опфатеност на сите учесници во изборната кампања, кои, пак се наведени во Член 2 точка 14 од Поимникот на Изборниот законик, каде се наведува дека учесник во изборна кампања е овластено лице од политичка партија, коалиција или група избирачи кои ја организираат изборната кампања.

Ристовска посочи дека законодавецот во Членот 2 точка 14 и Членот 75 ѓ став 1 применил различни термини во наведувањето на учесниците во изборната кампања, поради што, кога станува збор за платеното политичко рекламирање доколку се земе предвид  Членот 75 ѓ став 1 не ги опфаќа сите оние кои се дефинирани како учесници во Поимникот.

Поради тоа ДКСК препорача усогласување на Членот 75 ѓ став 1 и Членот 2 точка 14 за да се обезбеди доследност и еднаков третман на сите учесници во изборната кампања.

Тртиот регулаторен ризик се однесува на неусогласеноста на дефинирањето на учесниците во кампањата со рекламниот простор во електронските медиуми (интернет портали), што е дефинирано во член 75 ѓ став 12 од Изборниот законик.

„Рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, се распределува по следниве критериуми: – најмногу 45 отсто од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, – најмногу 45 отсто од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, – најмногу седум отсто од рекламниот простор може да се даде на политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и – најмногу три отсто од рекламниот простор може да се даде на политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати“, пишува во Изборниот законик.

Ристовска напомена дека и тука ДСКС препорачува усогласување на терминологијата и додаде дека членот 75 ѓ став 13 од Изборниот законик предвидува дека радиодифузерите и печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) во Република Македонија се должни на сите учесници на изборниот прецес да им обезбедат рамномерен пристап за платено политичко рекламирање.  Таа додаде дека има судир меѓу ставот 1 и ставот 13 во Членот 75 ѓ во однос на критериумите за распределба на минутите, секундите.

ДКСК ја продолжи седницата со постапување по други предмети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ