четврток, 26 март 2026
Тркалезна маса на МАНУ

Да се намалат акцизите и да се засили улогата на антимонополската контрола и инспекциите, порачуваат експертите

На Македонија ѝ се неопходни многу повеќе мерки од досега преземените во однос на кризата. Многу подобри ефекти може да се постигнат ако се намалат акцизите зашто тоа директно влијае на цената, а треба да се засили и улогата на антимонополската контрола и на инспекциите, порачуваат експертите.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Според нив, не треба многу да се чека, зашто нема знаци дека кризата брзо ќе заврши. Овој нафтен шок и оваа криза се многу посилни од оние во 2022 година. Сите анализи покажуваат дека три пати повисок е потенцијалот на сегашната, последна нафтена криза да ја зголеми инфлацијата.

Пред денешната тркалезна маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси – случајот на Република Северна Македонија“ беше оценето дека неизбежно ќе следи инфлаторен бран. Инфлацијата во земјава стана хронична, но, во претстојниот период сепак, не се очекува нејзино нагло зголемување, туку повеќе растечка, ползечка динамика. Во однос на економскиот раст, нема нови проценки поради неизвесноста. Но, ако продолжи кризата на среден период, тогаш ќе биде ефектуиран и растот.

Како што оценија некои од професорите, Македонија ќе биде ранлива ако потрае војната во Заливот, зашто во претходната енергетска криза имаше највисока стапка на инфлација од земјите во регионот, но е и увозно зависна. Се очекува натамошен раст на цената на храната, бидејќи една третина од ѓубривата за растенијата се тргуваат преку Персискиот Залив.

Беше сугерирано и дека Владата треба да ги зголеми средствата за ранливите категории граѓани.

„Мислам дека треба да се оди со намалување на акцизата. Се намали ДДВ-то, но ако ја намалите акцизата, на тој начин имате директен ефект врз цената на нафтените деривати, без оглед што е ниска кај нас и не треба многу да се фалиме дека е најниска во регионот, па им помагаме и на соседите. Многу сме богати да им помагаме на соседите, но, добро, тоа е тоа. Другата работа е  антимонополската контрола. Во ваква ситуација, многу фирми се однесуваат монополиситчки, односно под изговор дека расте цената на нафтата, ги зголемуваат цените на производите. Во таква ситуација, трошоците  за производство растат и цените растат, но во светот антимонополската комисија прави контрола дали и колку е оправдат тој пораст. Засега остана иста каматната стапка, но ако дојде до заострување на ситуацијата и ако порасне инфлацијата, ќе мора да се дејствува и преку намалување на каматната стапка и битни се прудентни макроекономски политкки“, изјави академик Таки Фити.

Според него, во ваква кризна, вонредна ситуација, ако продолжат работите да се движат во лош правец, треба да се оди на штедење во буџетот, на ребаланс, на максимално намалување на сите непродутквини трошења. Добро е да се намали и акцизата, да се прогласи штедње и рационално однесување на сите.

Потребна е, напомена академик Фити, и добра координација меѓу монетарната и фискалната политика.

„Ако ова е, како што ние велиме, шок на страната на понудата, тука не можете да трошите многу од буџетот за да ја подобрите ситуацијата зашто тоа има инфлаторен ефект. Така што, мора да се комбинираат мерки на страната на понудата и побарувачката. Да се надеваме дека, сепак, релативно брзо ќе заврши војната. Но, мое мислење е дека цената на нафтата нема брзо да опаѓа и ќе остане на релативно високо ниво. Треба да се има предвид и дека со досегашните борбени дејства голем дел од опремата врзана за нафтата и природниот гас, особено во Катар и дел во Иран, е уништена. Нејзиното обновување ќе трае цели три месеци. Една петина од светската трговија оди преку Заливот“, истакна Фити.

Професорот Ванчо Узунов е дециден дека мерката што засега ја презема Влада е недовлна и задоцнета.

„Задоцнета е зашто ние веќе имаме огромно покачување на цената на дериватите, особено на дизелот и тоа веќе има влијание врз покачување на трошоците на сите стоки и услуги. Значи, неизбежно следи инфлаторен бран. Владата треба да донесе мерки и да каже јасно и гласно што ќе прави во однос на покачувањето на цената на нафтените деривати. Идејата „не се секирајте, ние следиме и ќе направиме се што треба“ создава хаос, а не го решава. Хаос се решава ако се каже на сите субјекти кои се мерките однапред. Најранливите категории граѓани се веќе осиромашени, а оние што до скоро не биле под линија на сиромаштија, многу големи се изгледите да паднат во сиромаштија до летото. Значи, Владата ќе треба да преземе мерки со кои ќе ги зголеми парите што ги трансферира до ранливите категории, не до сите, не секому и не на сите граѓани, туку на ранливите, за нивниот стандард да не се уништи. Мерките треба да бидат селективни“, изјави Узунов.

Според него, Владата не презема ништо во однос на инфлацијата која стана хронична.

„Перманентно, секое следно одење во маркет во осиромашува, се повеќе пари ви зема за истите стоки и услуги што ги купувате редовно. Кај нас инфлацијата стана хронична. Не е страшна, не е хипер инфлација, но е хронична. Тоа мора да се прекине, но Владата ништо не презема“, дециден е Узунов.

Професорот Борче Треновски смета дека макроекономската политика е пред голем предизвик.

„Каква мерка и да преземете, некој мора да го плати трошокот, или државата преку даноците на сите граѓани или бизнисот, преку зголемување на нивните цени или трошоци или грашаните со намалување на нивниот стандард. Најдобро сценарио е секој да учествува во својот дел, секој да понесе дел од ризикот во кој се наошаме зашто и државата со мерките што ги презема, ако се силно фисално издашни, тие средсва ќе мора да ги надомести – да зголеми даноци, акцизи или други давачки и такси или треба да се задолжи па да враќаме во следните 20 години. Затоа треба најефикасно да се употребат овие пари. Ни треба ефикасна Влада и држава, ни треба ефикасен и паметен пазар кој би се однесувал на овој начин“, објасни Треновски.

Во оваа ситуација, дополни, не постојат нови проценки за растот. Сите монетарни и фискални власти ширум светот се воздржани поради незивесноста. Кај нас, растот проектиран од Владата е околу 3,8 отсто, а од Народната банка околу 3,4 проценти.

„Цените на енергенсите брзо одат нагоре-надолу и поради оваа незивесност тешко може да се види како ќе се одвива економската активност, дали каматните стапки ќе се зголемат или ќе продолжи сегашната воздржаност. Од тие причини, има само некои проекции кои претпоставуваат дека ако цената на нафтата дојде над 150 долари за барел, ќе има ефект од еден процентен поен врз растот на европската економија. Врз нашиот раст ефектот би бил 0,3 до 0,8 или 0,9 па и до 1 на краток рок додека не се мултиплицира негативниот ефект, а врз инфлацијата би бил позначаен зашто ние сме прилично сензитивни во однос на храната енергијата,… Во овој момент се уште нема значајни поместувања, бранот е се уште на делот енергенси и транспорт, се уште нема значјано зголемување на инфлациските очекувања, но ако продолжи кризата на среден период, тогаш ќе биде ефектуиран и растот зашто нашите најголеми трговски партнери имаат предводувања дека ќе има ефекти врз нивната економска активност“, објасни професорот.

Академик Фити, претходно, во контекст на кризата, потсети дека МАНУ изготви анализа според која, земјава има катастрофално лоша ситуација со ефикасноста на јавната потрошувачка, посебно во категориите капитални расходи каде фискалните мултипликатори цел период се негативни.

„Имаме и релативно лоши резултати кај субвенциите во земјоделството, огромни пари одат таму, но ефектите се слаби и никој не направил детална анализа каде завршуваат тие пари и зошто и покрај толкуи многу пари, увозот на земјоделски производи перманенто се зголемува. Овие наоди не се мој апел да се намалат капитални расходи во Буџетот или субвенциите во земјоделството, и едните и другите треба да постојат, но тоа треба добро да функционира. Другата работа е каков е квалитетот на регулацијата, на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на антимонополското законодавство. Тие во западните земји извонредно добро функционираат. Се смета дека САД долго време беше најуспешната пазарна економија, благодарение на многу силната антимонополска контрола, Германија исто така, во Франција антимонополското законодавство е „страв и трепет“, таму не смеат да помислат да се однесуваат монополистички зашто казните се ригорозни. Потоа, какви ни се показателите за корупцијата. Тука се негативни индикаторите. Какви ни се показателите за ефективноста на Владата? За жал, според Светска банка, тие се негативни. Не е битно само да има државна интервенција, мора да има во определени дејности каде пазарот не може да ги реши проблемите, но какви се квалитетот и ефикасноста на таквата државна интервенција или на инволвирањето на Владата во економската активност“, потенцира академик Фити.

Денешната тркалезна маса ја организираа Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, Економскиот факултет – Скопје и Сојузот на економисти на Македонија.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ