Во пресудата на скопскиот Кривичен суд во која МКД.мк имаше увид, уште се наведува дека судот го прифатил признанието на вина затоа што утврдил дека признанието на обвинетата д-р Мери Пешевска е доброволно и дека таа е свесна за правните последици од признанието на вината, како и за последиците поврзани за имотно-правното побарување на оштетените пациенти и трошоците на кривичната постапка.
Според обвинението, Пешевска е обвинета затоа што во својство на лекар, радиотерапевт и онколог во периодот од 2018 до 2022 година додека работела со д-р Нино Васев, тогашен директор на Клиниката за онкологија му оставила на располагање свој факсимил со кој тој препишувал и одобрувал терапија и свое корисничко име и лозинка за пристап во болничко информативниот систем на клиниката и со ова му овозможила на Васев кој исто така е обвинет во овој случај, иако неовластено, да препише терапија на седум пациенти во повеќе наврати спротивно на медицинските правила, со што било предизвикано нарушување на здравјето на пациентите.
Како што е наведено во пресудата, д-р Пешевска во завршните зборови пред судот кажала дека кривичното дело го сторила од небрежност и иако била свесна за настанување на штетата по пациентите, лекомислено сметала дека таа нема да настане.
Но, како што навела во својот исказ д-р Пешевска, од тогаш печатот го носела со себе, се исклучувала од Хис- системот и сама закажувала понатамошни прегледи за своите пациенти.
„Обвинетата дала признание на вина, без да ја избегне својата кривична одговорност, што е за поздрав во ваков предмет, покажала искрено жалење и каење, истата не е претходно осудувана, ниту се води постапка за друго кривично дело. Од доказите изведени од страна на одбраната може да се заклучи дека истата ужива личен и професионален углед, без претходни забелешки во нејзината професионална кариера, а во текот на целата постапка и пред Обвинителството и во Судот имала примерно поведение“, пишува во пресудата.
Во својот завршен збор, д-р Пешевска се осврнала и на отежителните околности, а тоа се дека поради нејзиното постапување дошло до нарушување на здравјето на седум пациенти.
Бранителот на Пешевска, адвокат Влатко Китановски во завршниот збор навел дека обвинетата по професија е доктор повеќе од 20 години, која го посветила животот за хумана цел да спасува безброј животи, давајќи при тоа несебична утеха на оние кои страдаат од оваа болест.
„Со својата професија не само што ги променила животите на многу луѓе, туку ги посветила своите срце и душа на најтешката битка, со ракот. Обвинетата е повеќе од доктор, од првиот момент од својата кариера знаела дека ќе се бори за животите на болните, со цело свое знаење што го стекнала на Клиниката за онкологија и дека тоа го прави неуморно секој ден и секој час. За многу пациенти д-р Пешевска не била само лекар, туку и надеж за пациентите и во најтешките моменти, а дел од нив биле успешно излекувани. Таа не е обичен просечен доктор, а со обвинението и се става на товар една небрежна грешка која не била направена со намера да се наштети, а најмалку на пациентите и тоа што некој го злоупотребил, таа одговорност треба да ја сноси лично тој, а своите лични податоци ги оставила на располагање со цел да им се помага на пациентите и да им се обезбеди третман“, рекол Китановски пред судот.
Од скопскиот Кривичен суд тврдат дека при одмерувањето на видот и висината на казната, судот ги ценел сите околности предвидени во Кривичниот законик, кои се од влијание за индивидуализација на казната, како отежнителни, така и олеснителни околности.
„Судско одмерување на казната по дефиниција претставува конкретизација на законскипропишаната казна, односно избор и изрекување на казна што одговара на стореното дело и неговиот сторител. Притоа, со примена на начелото на индивидуализација судот ја цени личноста на сторителот на казненото дело и преку процесот на субјективизација ја одмерува казната имајќи предвид дека не се казнува делото, туку сторителот. Со ова начело де факто се обезбедува (казнена) правда во секој конкретен случај. Земајќи ги предвид целите на казнувањето, финална цел на казнувањето е заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности од дејствија што претставуваат казнени дела, додека посебни цели на казнувањето се остварување на правдата (и правичноста како „правда во конкретен случај“), како и специјалната превенција и ресоцијализацијата, која од своја страна е нераскинливо поврзана со нужно изрекување индивидуализирана казна“, напишала судијката Снежана Марковска во образложението на пресудата.
Марковска во пресудата тврди дека при донесувањето на условната пресуда внимавала на целите на казнувањето, тежината на стореното кривично дело, како олеснувачки и отежнувачки околности при што особено биле ценети, степенот на кривичната одговорност, јачината на загрозувањето или повредата на заштитното добро, околностите под кои е сторено делото, поранешниот живот на сторителот, неговите лични прилики и неговото однесување по стореното кривично дело, како и други околности што се однесуваат на личноста на сторителот.
Што се однесува до отежнителните околности судот особено ги ценел последиците од преземените дејствија на д-р Пешевска „кои биле тешки, бидејќи кај седум пациенти дошло до нарушување на здравјето, а обвинетата како доктор специјалист имала зголемена должност на грижа, внимание и одговорност особено во чувствителна медицинска област како што е оваа.
„Дополнително што дејствијата на обвинетата се повеќекратни и во континуитет, односно се работи за продолжено кривично дело, што во целина дава потежок облик на кривичното дело и повисок степен на кривична одговорност на обвинетата“, пишува во пресудата.
Судот ги ценел и олеснувачките околности и „несомнено“ утврдил дека обвинетата д-р Пешевска сѐ уште е вработена на клиниката за онкологија и радиотерапија, каде успешно ги извршувала своите работни задачи, не се евидентирани поплаки од пациенти ниту од персоналот на клиниката и истата во текот на својот работен стаж била вклучена во лекување на голем број на пациенти од кои значителен дел се успешно излекувани.
„Истата како признат доктор специјалист во областа на онкологија и радиотерапија добивала и сертификати за успехот кој го постигнувала и благодарници за заслуги и посебен придонес во работата, кои судот ги ценеше како олеснителни околности кои се однесуваат на личноста на обвинетата и на нејзините лични прилики, односно нејзините општи и посебни склоности и способности. Како олеснителна околност судот го ценеше и претходниот живот на обвинетата, која до сега не била осудувана и не и била изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност. Ценејќи ги сите овие околности, а како разликата меѓу отежителните и олеснителните околности е во корист на олеснителните, судот на обвинетата и утврди казна затвор во траење од две години, но истата ја услови, на начин што на обвинетата и изрече алтернативна мерка условна осуда, така што определи дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетата за време од пет години од правосилноста на пресудата, не стори ново кривично дело“, напишала меѓу другото судијката Марковска во пресудата.
Во образложението зошто судот се определи за условна осуда, наместо ефективна казна затвор, Марковска напишала дека оценила дека со условната осуда може да се заштити општеството од криминал без да се примени ефективна казна врз обвинетите.
„Условната казна не претставува избегнување за казнување, туку е определена затоа што судот оцени дека со нејзина примена може да се оствари целта на казнувањето. Во конкретниот случај, за ова обвинето лице судот оцени дека може да се очекува самата закана од казна затвор да ги исполни целите на специјалната превенција, истата е насочена спрема него, а имајќи го во предвид досегашното однесување на обвинетата, судот оправдано очекува дека истата може да го поправи нејзиното однесување, односно да обрне особено внимание на своите постапки и на последиците од истите, како и да ги почитува сите правила и позитивни прописи како во иднина не би дошло до било каков ризик“, се наведува во пресудата против д-р Мери Пешевска.
Освен д-р Мери Пешевска во случајот „Онкологија“ обвинети се уште тројца други лекари онколози, мешу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија д-р Нино Васев, кој пак е обвинет и за економското работење на Клиниката за онкологија во случајот „Онкологија 1“.






