Повеќе од 150 млади лекари од земјава и гости од странство имаа можност да слушнат и да споделат искуства за новите глобални трендови во медицината, сознанија, искуства, но и за трансформации во оваа област поттикнати од користењето на вештачката интелигенција, на Симпозиумот на млади лекари што неодамна се одржа во Скопје. Учесниците ги слушаа излагањата и работилниците организирани од околу 50 реномирани стручни лица од областа на хирургијата, интерната медицина, кардиологијата, урологијата, радиологијата и други специјалности од Македонија и странство. Организатор на овој значаен настан за лекарската заедница е Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) кое е насочено кон унапредување на здравствениот систем и заштита на правата на младите лекари, кои се суштински дел од болничкиот систем и често најранлива професионална категорија.
„Здружението активно делува во насока на подобрување на здравствените политики, работните услови, професионалниот статус на специјализантите, како и нивното вклучување во национални стратегии и системски реформи. Затоа и го организиравме симпозиумот, втор пат откако првпат се одржа во 2023 година, со цел да им овозможиме дополнителна едукација и практична обука на младите лекари – специјализанти, младите специјалисти, клиничари и сите кои се во процес на професионален развој. Овој настан е посебен бидејќи е создаден од младите за младите“, вели д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.
Темата на симпозиумот беше „Иднината на медицината – прозорец кон утре“. Каде ја гледате таа иднина, кои се очекувањата за развојот на оваа гранка глобално и кај нас?
– Избраната тема е поврзана со современите трендови во медицината и иднината на здравствениот систем, со посебен акцент на улогата на вештачката интелигенција. Ова е тема која произлегува од глобалните трансформации во медицината што веќе се случуваат и кај нас. Вештачката интелигенција постепено ја менува дијагностиката, третманот, брзината и прецизноста на медицинската проценка и во иднина ќе ја редефинира медицината онаква каква што ја познаваме. Првите значајни примери ги гледаме во радиологијата, но трендот многу брзо се проширува во сите медицински области. Токму затоа е важно младите лекари да бидат подготвени за следниот чекор – да учат, да дискутираат и да се адаптираат на новото време што веќе пристигна во медицината.
Зошто е важно младите лекари да имаат пристап до ваков тип на едукации и професионална поддршка?
-Овој тип на настани е неопходен за развој на младите лекари. Тие добиваат можност да учат од врвни клиничари, да се запознаат со новите трендови, да ги усовршат своите практични вештини и да градат професионални контакти. Младите се соочуваат со сериозни предизвици – од стручни, етички, организациски, па сѐ до системски. Ваквите симпозиуми им овозможуваат поддршка, мотивација и средина во која можат да се развиваат како идни лидери во медицината. Ова е инвестиција во иднината на здравството. Колку повеќе младите се поддржани и обучени, толку побрзо ќе се развива и самиот здравствен систем.
ЗЛС во моментов работи на неколку проекти. Кои се тие и какво е нивното влијание врз јавноста?
– Тоа се значајни проекти кои имаат силно општествено и едукативно влијание. Едниот од нив е „Иницијатива за живот во полн сјај“, проект кој опфаќа развој на медицинска едукација, истражувачка работа и креирање на прва национална платформа за едукација на пациенти на македонски и на албански јазик, по модел на најсовремените меѓународни медицински центри. Друг значаен проект е „Стоп за лоши навики“, кој се насочува кон едукација за превенција, јавно-здравствена свест и влијанието на секојдневните навики врз здравјето. Овие проекти придонесуваат за развој на култура на превенција, здрав начин на живот и поголема подготвеност кај јавноста да ги смени ризичните навики.
Проектот „Стоп за лоши навики“ привлече значително внимание во јавноста. Какви се ефектите од него?
– Проектот предизвика силен интерес во јавноста и прерасна во препознатлива иницијатива за унапредување на здравствената свест. Меѓу другите активности, изработивме и прирачник „Како до здрави навики“ на македонски, албански и на англиски јазик, каде се обработуваат теми како артериска хипертензија, ризиците од прекумерна консумација на алкохол, аритмии и атријална фибрилација, дијабетес, ризици од пушење и влијанието на лошите навики врз здравјето. Проектот предизвика медиумско внимание, интерес кај институции и јавни организации, а истовремено ја подигна свеста за потребата од превенција и рано препознавање на ризиците. Како лекари кои секојдневно работат со пациенти, забележуваме постепени промени во јавната перцепција, особено кај помладата популација.
Со овој проект ги посочувате најголемите ризици од животниот стил по здравјето на луѓето. Кој е најраспространетата штетна навика кај нашите граѓани која го загрозува нивното здравје?
– Најголем дел од ризиците кои се поврзани со животниот стил може значително да се намалат или целосно да се спречат. Во прирачникот се истакнува важноста од здрави навики, правилна исхрана, физичка активност, редовни медицински прегледи и намалување на штетните навики како пушење и алкохол. Во нашата држава, пушењето останува една од најраспространетите и најштетни навики за здравјето. Податоците покажуваат дека околу 45,4 отсто од возрасната популација пуши, а уште попоразителен е фактот што 81 отсто од пушачите се целосно запознаени со здравствените ризици, вклучително и ризикот од кардиоваскуларни заболувања, мозочен и срцев удар, но и покрај тоа одбиваат да се откажат. Овој феномен многу јасно го забележуваме и во клиничка пракса: кај пациенти кои преживеале срцев удар, многу често третиот ден по инфарктот е денот кога повторно ја палат првата цигара, дури и во болнички услови. Тоа говори дека зависноста не е само навика, туку комплексна биопсихолошка состојба која бара структуриран пристап.
Што може да преземат граѓаните за да ги намалат овој ризик?
– Поради сето тоа што го спомнав погоре, во меѓународната медицинска литература е развиена концепцијата на намалување на штетата (harm reduction). Таа подразбира дека за дел од популацијата е потребен постепен пристап кон промената, користење на стратегии за одвикнување, советување, никотин-заменска терапија и други опции кои се покажале дека го намалуваат внесот на штетните супстанции и ја зголемуваат шансата за целосно откажување.
Што ги советувате вашите пациенти и останатите граѓани, како да го зачуваат своето здравје?
-Најважната порака останува иста: промената започнува со свесност и мала, но суштинска одлука. Превенцијата, раната интервенција и поддршката од здравствените професионалци остануваат најсилните механизми за зачувување на здравјето, а секој чекор кон намалување на ризикот е инвестиција во подолг и поквалитетен живот.






