петок, 23 јануари 2026

ЦУК: Врнежи од дожд и снег, тешко проодни патишта

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека утрово до 9 часот во различни региони од земајва се регистрирани врнежи од дожд и снег и дека на дел од патиштата сообраќајот се одвива отежнато.

Објавено на

часот

Сподели

Што се однесува до Тетовскиот и Гостиварскиот регион од ЦУК информираа дека поради обилните врнежи од дожд, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени Општина Гостивар и Полициската станица (ПС) Чегране.

„Забележано е излевање на Лакавичка река во село Мало Турчане и на Сушечка река во село Горна Бањица, Општина Гостивар. За настаните се известени надлежните институции и службите за итно дејствување, кои ја следат состојбата на терен“, велат од ЦУК.

Во Охридско-кичевскиот регион ЦУК регистрирал дека во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот.

„Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен“, соопштија од ЦУК.

Во Општина Кичево, на улица „Прилепска“, поплавени биле повеќе станбени објекти.

„Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала ‘Христо Узунов’. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево. На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња“, се наведува во утринскиот извештај на ЦУК.

Регистрирани се и излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината.

Што се однесува до Битолскиот и Преспанскиот регион од ЦУК информираа дека поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Веќе е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен.

Јавните комунални претпријатија чиј основач е Општина Битола синоќа ги санираа последиците од обилниот дожд, а увид на активностите изврши градоначалникот Тони Коњановски.

Пред полноќ се излеа и реката Курдерес која го спречи сообраќајот на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“ кои водат кон граничниот премин Меџитлија.

„Водата е повлечена, а екипи на јавните претпријатија Водовод, Комуналец, Нискоградба и на противпожарната единица на Битола пристапија кон чистење на локацијата. Во селото Кравари работат три машини на каналската мрежа, една од АД Водостопанство подружница „Битолско поле“ и две машини од јавното претпријатие Водовод. Градоначалникот Тони Коњановски со екипи од Битолско поле и другите јавни претпријатија беа на увид по течението на реката Драгор до вливот на река Црна, при тоа ги посетија населените места Долно Оризари, Карамани и Трн. Состојбата е стабилна, реката Драгор ги прибира сите води и ги носи во главниот реципиент реката Црна“, информираа од Општина Битола.

Утрово ЈП „Битолско поле“ со целата расположлива механизација продолжува на терен со санација, ЈКП „Нискоградба“ интервенира во селото Канино, на улицата „Скоевска“, а ќе се интервенира во Кажани, како и на влезот на Битола кај Горно Оризари. Претходно интервенираа и над локалитетот „Хераклеа“, каде имаше проблем од надојдената вода, потоа на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат и населбата „Стрчин“.

Јавното претпријатие „Стрежево“ интервенира во селото Лера, заглавено дрво во малиот мост кој спречува истекување на водата. Од претпријатието информираат за многу надојдена вода во реката „Шемница“, а патот кој води за селото Доленци е привремено затворен за движење. Екипите се на терен и секаде се следи состојбата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ