Како што посочуваат во Битолски регион има излевање на реката Шемница кај село Лера со поплавена куќа и штали. Во општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река.
Кај Преспански регион има излевање на реки во село Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи. Постои опасност од излевање на Голема Река.
Во Струмички регион нема пријавени штети, регистрирани се одрони на патниот правец Струмица–Валандово.
Кај Скопски регион има зголемено нивото на речните корита, но засега без излевања на водотеците од нивните корита.
Во Велешки регион забележани се одрони и паднато дрво на два патни правци. Реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица.
Нема пријавени проблеми во Штипскиот реон.
Во Охридски регион значително се покачени водостоите на реките, излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.
Во Кумановски регион нема излевања во Куманово и Липково, а се расчистуваат наноси кај село Коинце.
Кратовски регион бележи зголемени водостоји, но без штети. Исчистен е одрон на патниот правец Страцин–Пробиштип, а во Тетовски регион нема пријавени штети, водостоите се зголемени, но без излевања.
Од УХМР информираат дека денес се очекува променливо облачно време со локални обилни врнежи, можни грмежи и силен јужен ветер над 60 km/h. Температури од 13 до 19 °C; во Скопскиот регион до 17 °C.
Најмногу врнежи се измерени во Претор (66 l/m²), Крушево (37), Битола (30) и Прилеп (26).
Забележан е висок водостој на реката Сатеска во Охридскиот регион, со препорака за зголемено внимание, велат од ЦУК.
Сите надлежни институции,како што посочуваат, се навремено известени од страна на Центарот за управување со кризи за сите овие појави и веќе се преземаат соодветни мерки за санација и заштита на населението и инфраструктурата.
-Апелираме до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби, а доколку забележат било каква опасност – веднаш да пријават на бесплатниот број за итни повици 112 во ЦУК, посочува директорот на ЦУК Мухамед Али.






