вторник, 27 јануари 2026

ЦУК: Стабилизирана состојбата во Струмичкиот регион, опаѓа водостојот на реките Струмица и Тркања

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 13 часот за Скопје не се пристигнати пријави за штети предизвикани поради врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.

Објавено на

часот

Сподели

Во Струмичкиот регион состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување. Поради дождот, во Штипскиот регион зачестени се одрони и свлечишта на патните правци Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема опасност од излевање на реките. Во општините Крива Паланка и Ранковце нивото на Крива Река е зголемено, но нема излевање и пријавени штети, во општина Кратово нема штети, а зголемените водостоји на Кратовска и на Крива Река се во рамките на коритата.

Според ЦУК, во општините Битола, Новаци, Могила, Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Демир Хисар не се пријавени штети од врнежите, а во општина Крушево нивото на реката Црна кај селото Бучин е покачено, но стабилно и без опасност од излевање.

На подрачјето на РЦУК Охрид состојбата е мирна, без врнежи од дожд и без пријавени штети.

„На подрачјето на РЦУК Тетово состојбата е мирна, без врнежи од дожд и без пријавени штети. Во општините Велес, Неготино, Кавадарци, Свети Николе и Лозово состојбата е стабилна и нема опасност од излевање на реките. Во ридско-планинските делови на општина Кавадарци има нови врнежи од снег. ЈП „Комуналец“ со две возила интервенира на критичните патни правци. На патниот правец Кавадарци – Мушов Гроб – Мајдан има одрони кај месноста Катуниште, каде што ЈП „Македонија пат“ врши расчистување. Сите патишта се проодни. Од браната „Мавровица“ продолжува прелевање вода од 2 см над максималната кота, без опасност од излевање и загрозување на околината“  наведува ЦУК.

Според информациите од Општина Струмица, поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино, поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации. Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од село Костурино. Реката Плаваја во селото Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС „Радовиш“ и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.

ЈП „Македонија пат“ во Штипскиот регион континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и приспособено возење.

„Во Штип е пријавен срушен потпорен ѕид на улицата ‘Љубен Иванов’, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип, ќе се пристапи кон расчистување. Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање“, информира ЦУК.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ