петок, 9 јануари 2026

ЦУК со вонредна информација за времето: Зголемен водостојот на реките, поплавени локални патишта

Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со обилните дождови до 13 часот, во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата. Слично е и во Кичево, Битола, Гостивар и Тетово.

 

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Обилните дождови што го зафатија охридскиот регион предизвикаа проблеми на неколку локации низ градот, особено на одредени места што се утврдени како критични во услови на интезивни врнежи.

По повод настанатата ситуација денеска беше свикан вонреден состанок на општинскиот Кризен штаб за заштита и спасување, со присуство на претставници од јавната администрација, на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР – Охрид, на јавните претпријатија, Противпожарната единица и од други засегнати субјекти.

На состанокот е извршено мапирање на критичните точки и е направен план за итно дејствување и ангажирање на дополнителни екипи на терен. Од страна на стручните лица беше посочено дека предизвикано е излевање на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини.

Најкритична е состојбата на улицата „Гоце Делчев“ во близина на ‎Здружението на возачи и на потегот кај селото Орман, каде е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача.

Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека екипи на општинските јавни претпријатија интензивно работат на терен на повеќе локации во Охрид за нормализирање на ситуацијата.

„‎На располагање се ставени сите капацитети на општинските јавни претпријатија, се делува координирано и состојбата постојано се следи. На терен се работи со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици“, посочи Пецаков.

Инаку, од ‎Општина Охрид се упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.

Во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.

Во регионот на Битола зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.

Црна Река се излеа од своето корито и ги поплави атарите на демирхисарските села Бараково и Граиште.

Водостојот на реката Црна се зголемува и постои непосредна опасност реката да се излее во куќите. Поплавен е и патниот правец Бараково-Вардино и е непрооден, потврдија жители од демирхисарските села Бараково и Граиште.

Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.

Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ