сабота, 10 јануари 2026

ЦУК: Ситуацијата со поплавите се смирува

 Јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот регион и во останатите региони во земјава се на терен и се справуваат со последиците од поплавите, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) и додавааат дека состојбата се стабилизира.

Објавено на

часот

Сподели

Како што се посочува во информацијата од ЦУК за состојбата до 17 часот, во Битола во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја. Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река, а во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање. Во Ресенско ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана. Во Крушево ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река. Во Демир Хисар надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост. Во Долнени градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.

Во Југозападниот регион, поточно во Охрид, ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми. Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.

Во Скопскиот регион во Општина Зелениково општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.

Во Полошкиот регион, во општините Тетово и Желино, СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.

Во Источниот регион во Кочани, ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци. Во Кратово општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.

Во Југоисточниот регион, во Струмица нема интервенции и состојбата е стабилна.

Во Североисточниот регион, поточно во Куманово и регионот, ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата. Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ