Активни се пожарите во Штип, кај селата Селце и Пухче, во реонот на армискиот воен полигон, високо над Криволак кон Пенуш, меѓу селата Брезница и Тажево во Македонски Брод каде што гори квалитетна борова шума, Општина Чашка кај селата Габровник и Мокрени и кај месноста Мукос, пожар префрлен од прилепска страна, Општина Долнени кај кај село Небрегово и уште еден пожар кај село Гостиражни.
ЦУК информира дека под контрола се седум пожари и се настојува да се доведат во фаза на локализирање за потоа и да се изгаснат. Тоа се пожарите кај селата Фариш и Ораовец, Општина Кавадарци, село Калањево, Општина Неготино, кај селата Брезница, Дивеч и Слатина, Македонски Брод, село Зелен Град во близина на одморалиште Пониква, Прибиштип, село Бадилен, Ново Село и во Општина Чашка на планината Голешница на врвот Лисец.
За пожарот кај село Тажево постои опасност да се префрли на заштитеното повеќенаменско подрачје Јасен. Тука деноноќно интервенираат 15 вработени од Јасен помогнати преку ден од армиските 30-ина припадници, а и од неколкумина од ЈП Национални шуми. Вчера армискиот хеликоптерот „Ми 17“ во два наврата не можеше да дејствува поради густиот чад и небезбедните услови за дејство.
Вчера беа изгаснати 15 пожари на отворено.






