Претходно Ангелов присуствуваше на брифингот со армиските и турските пилоти на кој била договорена тактиката за концетрирано гаснење на пожарот на Серта.

„Голема благодарност до сите храбри пилоти кои се борат против огнената стихија. Благодарност до Република Туркије за испратената помош од два ер-трактори и еден хеликоптер ‘блек хок’“, рече Ангелов.

За денеска е најавено најмасовно гаснење на пожарот на Серта од воздух и од земја, информираа синоќа од Кризниот штаб од Неготино. Најавено е дека утрово од воздух ќе се дејствува со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци. Обезбедена е и потребната механизација за дејствување од терен, соопштија синоќа од Кризниот штаб.
Пожарот на Серта избувна во средата околу 10:30 часот. Повеќе денови трае гаснењето на пожарот на планината Серта, за кој директорот на ЦУК Ангелов синоќа оцени дека е најсериозен и најтежок за гаснење бидејќи се работи за исклучително тежок терен испресечен со долови, карпест терен со ридишта, густи трња и грмушки и друг тип на нискостеблести растенија и делумно шума. Пожарот на Серта синоќа се простираше на територија на Штип и делумно на Неготино.
Како што беше најавено, претпладнево се очекува да пристигнат и два хелихоптери од Словенија и еден голем хелихоптер со носивост од пет тона од Србија, а најавен е и еден хелихоптер од Црна Гора.
Синоќа под контрола беше ставен и пожарот над Радовиш. Поради активниот пожар на регионалниот пат Неготино – Штип, кај село Пепелиште, сообраќајот е во прекин за сите видови возила, во двата правци.
Синоќа беше активен и пожарот над Битола, но не претставуваше опасност за градот. Поради пожарот од ноќеска се пренасочува сообраќајот од обиколницата Битола, патен правец Прилеп – Ресен, низ градот Битола. Во гаснењето на пожарот вчера попладне лесно беа повредени двајца пожарникари. Едниот кој имаше изгореници на дланките и на подлактицата е хоспитализиран во битолската болница, додека другиот беше пуштен на домашно лекување. Доколку до утрово пожарот не биде ставен под контрола, Ангелов најави дека тој ќе биде гасен и од воздух.
Во земјава вчера беа активни десет пожари, а попладнето се појавија и нови.
Вчера седница одржа и Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, соопшти МВР.
Полицијата веќе има информации за неколку предизвикувачи на пожари. Ангелов рече дека ниту еден планинар досега не предизвикал пожар и оти пожарите секогаш избувнуваат во близина на урбани средини, ниви или стрништа и дека има и подметнати пожари како во Кавадарци.






