„Најпрво полицискиот халикоптер фрлил вода врз огнениот обрач, направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените заробени седум лица. Голема благодарност до храбрите доброволни пожарникари и храбрите македонски пилоти“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Претпладнево ЦУК информираше дека поради пожарите има блокирани лица во куќа во Стројменци, во близина на Свети Николе и се прават обиди за нивно извлекување.
Денес е активиран и ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош од воздухоплови. „Топлото време и ветрот прават уште поголеми проблеми при справување со пожарите“, вели Ангелов.
Големи пожари има и во Дојран, но најголемата пожарна линија, според ЦУК, се движи од општина Свети Николе во насока на општина Куманово и моментално таму се делува со трите ер-трактори. Пожари има и во Старо Негоричане, Куманово, Пробиштип, Кочани.






