„Инцидентот бил пријавен на бројот 112, а информацијата веднаш е проследена од страна на ЦУК до СВР-Тетово, Итната медицинска помош (ИМП) и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК-Тетово) за итна интервенција“, соопшти ЦУК.
Авионот, како што нагласуваат, е од марката пајпер со регистрација N5005W и е наменет за превоз на четири лица.
Од СВР Тетово информираа дека двајцата патници во авионот од кои едниот е повреден се косовски државјани.
„Денеска во 12:35 часот во СВР Тетово – ОВР Гостивар е пријавено дека во Мавровското Езеро, во близина на браната Белички канал паднал мал спортски авион. Според пријавеното, од авионот на копното успеале да излезат двајца косовски државјани Џ.П. и Д.М., кој го управувал леталото. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во Медицински центар Гостивар за укажување помош. Полициски службеници од Полициското одделение Маврово веднаш излегле на местото и во разговор со нив Д.М. изјавил дека поради проблем со моторот слетал во езерото“, информираа од СВР Тетово.






