Во годишната програма на Националната установа Завод за заштита на спомениците и Музеј – Струмица се предвидени 217.000 денари за изработка на основен проект за фрескоживописот и 500.000 денари за архитектонскиот дел од реконструкцијата на храмот.
„Идејата произлезе при посетата од страна на министерот за култура и туризам Зоран Љуков и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов во селото Габрово, на која месната заедница и црковниот одбор во селото изразија интерес за заштита и реставрација на црквата „Св. Атанасиј“. По донесената одлука, НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј од Струмица ќе спроведе постапка за погласување на црквата во споменик на културата, а потоа следува изработка на проект за целосна реконструкција и реставрација. Со оглед на тоа што станува збор за една од најстарите цркви на територијата на општина Гевгелија, со нејзината реконструкција ќе придонесеме за зачувување на нашето културно богатство, а истовремено добиваме нова туристичка атракција за сите посетители“, изјавија од кабинетот на гевгелискиот градоначалник.
Црквата „Свети Атанасиј Велики“ која е изградена од неимарот Андон Китанов во 1851 година, а фрескоживописана во втората половина на 19 век од Димитар Андонов – Папрадишки, поседува нови, но и стари икони кои датираат од 1863 до 1878 година.
Во Заводот и музеј Струмица велат дека средствата предвидени за овој објект ќе се користат со две намени.
„За фрескоживописот на црквата ќе се изработи основен проект за кој се издвоени 217 000 денари, додека за архитектурата 500 000 денари“, појасни Бранко Ѓоргиев, директор на Заводот и музеј Струмица.
Освен за црквата во општина Гевгелија и за проект за наколната населба во Дојран, од институцијата велат дека во годишната програма се предвидени средства за локалитети од уште две општини од регионот.
„Во делот на стручната документација, планирана е ревалоризација на споменици на културата, со опфат на локалитетите Исар во село Марвинци, општина Валандово и Брдаров камен, општина Богданци. Ние како институција имаме обврска на секои пет години да правиме елаборат за ревалоризација на веќе прогласените спомен обележја во кои евидентираме доколку има некои промени кои се случиле во меѓувреме“, додава Ѓоргиев.
Вкупната сума за валоризација и ревалоризација која е издвоена во годишната програма на националната установа изнесува околу 106 илјади денари.
МИА






