„Во рамки на пленарната дискусија беа разгледани детално постигнатите резултати по општини, при што беше констатирано дека Централниот комитет дискутираше и за текот на локалните избори, укажувајќи на структурните слабости, притисоците, нерамноправните услови и улогата на естаблишмент партиите во одржување на статус-квото. Во таа насока беше нагласено дека Левица останува единствената политичка сила која отворено и без калкулации ги разобличува овие појави.
Посебен акцент беше ставен на улогата на советниците на Левица во општинските совети ширум Македонија. Заклучокот од ЦК е дека советниците од Левица ќе се позиционираат како главна и единствена опозиција на ДПМНЕ во локалната власт – во интерес на народот, во одбрана на јавниот интерес, со целосна посветеност на транспарентноста, отчетноста, борбата против корупцијата, урбанистичката мафија и партизацијата на општините.
Левица продолжува да биде автентична опозиција, како на централно, така и на локално ниво – опозиција која не тргува со принципи, не молчи пред неправдите и не се става во служба на широки коалиции, туку стои цврсто на страната на народот. Борбата продолжува бескомпромисно, со јасна визија, храброст и организирана акција, до целосно разобличување на системот и враќање на институциите во рацете на граѓаните“, се вели во соопштението на партијата.






