понеделник, 15 декември 2025

Цивил: Либерализацијата на продажбата на муниција за цивили е опасно за безбедноста

Цивил – Центар за слобода ја осудува одлуката на Министерството за внатрешни работи да предложи измени во Законот за оружје со кој им се дозволува на цивилните сопственици на огнено оружје да купуваат муниција без претходно одобрение, туку директно од овластените правни субјекти, односно продавачи на оружје и муниција.

Објавено на

часот

Сподели

Ова сериозно ја поткопува јавната безбедност и го нарушува меѓународниот углед на Македонија, се вели во реакцијата на Цивил.

„Западен Балкан веќе служи како главен извор на шверц на мало оружје и муниција во Европа. Отстранувањето на одобрението што го издава МВР за набавка на муниција, драматично го зголемува ризикот од пренасочување на легалната муниција кон криминални мрежи.

Организираните криминални мрежи што работат низ Северна Македонија и соседните земји и онака се зајакнуваат поради неконзистентноста и пропустите во контролата на оружјето во целост. Либерализираниот пристап значи дека повеќе уште муниција ќе влезе во оптек без трага, што ја прави погодна за злоупотреба. Либерализацијата што ја предлага МВР, односно министерот Панче Тошковски, претставува отстапување од Протоколот на Канцеларијата за дрога и криминал при ОН (UNODC Firearms Protocol). Оваа постапка ќе придонесе и кон јакнење на терористичките мрежи кои во ова ќе видам можност за создавање залихи од муниција.

И покрај тоа што МВР на Северна Македонија доби опрема финансирана од ЕУ за истраги на местата на злосторството и на огненото оружје, релевантните оддели при Министерството веќе се соочуваат со сериозен притисок. Новата политика што ја предлага министерот Тошковски, само дополнително ќе го оптовари системот, затоа што ќе се појават проектили чија трага ќе биде многу потешко да се следи, а со тоа и сторителите на кривични дела со оружје ќе бидат помалку достапни на органите на прогонот.

Механизмите за контрола и проверка, кои веќе се предмет на критика и намалена јавна доверба, како и предизвиците поврзани со корупцијата, дополнително ќе бидат ослабени со либерализацијата на набавката на муниција за лицата што легално поседуваат оружје.

Како кандидат за членство во ЕУ, Северна Македонија е обврзана да ги спроведува обврските утврдени во Регионалниот патоказ за контрола на мало и лесно оружје (SALW Roadmap) – иницијатива што ја води УНДП/SEESAC во координација со земјите-кандидати и ЕУ. Овој патоказ има цел да воспоставуви законодавство за контрола на оружјето и муницијата, целосно усогласено со рамката на ЕУ и меѓународните стандарди до 2023 година, како и значително намалување на нелегалниот проток и ризикот од диверзија на муниција до 2024 година.

Иако домашната продажба не е директно регулирана според глобалниот Договор за трговија со оружје (ATT), Северна Македонија останува обврзана да го регулира целиот увоз на муниција според рамките определени со ATT. Оваа дерегулација од страна на власта испраќа сигнали и до домашните и до меѓународните партнери дека земјата излегува од меѓународните рамки за контрола на оружјето.

Потег што се смета за слабеење на контролата на оружјето сериозно ќе ја наруши довербата на ЕУ во нашата земја.

Како организација со 25-годишна традиција во јавното застапување на строгата контрола на оружјето, членка на IANSA и Control Arms од самите почетоци, апелира итно да се повлечат предложените измени. Оваа одлука ја загрозува безбедноста на граѓаните, ги охрабрува криминалните актери и испраќа опасен сигнал до регионалните и европските засегнати страни.

Наместо дерегулација, земјата треба да усвои:

Задолжително претходно овластување за секоја набавка на муниција од страна на цивилни лица.

Ригорозно евидентирање и следење.

Осовременување на системот преку автоматизирани механизми за следење и проценка на ризикот од пренасочување на оружјето и муницијата.

Таквите мерки не само што ги штитат граѓаните, туку и ја зацврстуваат евроинтеграцијата и кредибилитетот на земјата“, соопшти Цивил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ