Иако овој проблем е издигнат и на политичко ниво, досега активностите се сведоа само на ветувања, а позитивни резултати нема или се незначителни. Има многу причини на разни нивоа, почнувајќи од врвот (државата), па надолу до пониските структури: општини, комерцијален сектор итн. Добро е што од минатата година е формирано Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, но и порано, и сега, таму нема квалитетен инженерски кадар, повеќето се административци. И во структурите на локално ниво состојбата не е како што треба.
Не само развиените земји, туку и земјите од регионот работат на развој на далечински системи за греење и ладење, како и на супституирање на фосилните горива од овие системи со обновливи извори на енергија. Кај нас веќе со децении има стагнација во оваа област, а единствениот систем за далечинско греење е во градот Скопје. Каде ги лоцирате главните причини за оваа состојба?
– И порано и сега во ЕСМ (деловни единици за топлина) не гледам дека се работи на развој на системи за топлификација на градовите. Ниту на техничките факултети не сум слушнал дека има некакви проекти за развој на греењето за да се најдат оптимални и еколошки решенија на ниво на градови, јавни и комерцијални објекти, домаќинства и друго. Се работи за комплексна проблематика каде што има многу фактори што треба да се земат предвид пред да се одбере решение. Има повеќе опции (решенија), и секое си има добри и неповолни страни од многу аспекти. Од обновливи извори на енергија, најчесто се мисли на сонце, во зимно време не може да се најде целосно решение. Но топлинските пумпи веќе ги класифицираат како системи што користат обновливи извори на енергија (од околината: воздух, вода, земја).
Иако редовно се изработуваат национални долгорочни стратегии за развој на енергетиката, постојат и студии кои ги дефинираат преференциите за одреден систем за греење во одредено подрачје, носителите на одлуки и на централно и на локално ниво, речиси воопшто не ги спроведуваат дадените препораки. И стручната и пошироката јавност не реагираат на овие состојби. Што треба да се промени?
– Во Македонија се носени стратегии за енергетски развој на секои пет години. До пред две децении греењето беше слабо опфатено, а во последната стратегија од 2019 година има некои насоки, но тие се веќе застарени. Меѓутоа, пред една година веќе е направена голема промена со формирањето на Министерство за енергетика. Во тек е изработка на нова стратегија за енергетски развој на РМ, да се надеваме дека тоа што е предвидено во разни документи ќе почне да се спроведува. Многу важно е да се спроведуваат работите наведени во Правилникот за енергетска карактеристика на зградите како и акционите планови за енергетска ефикасност.
Какво е Вашето мислење за концептот енергија од отпад, како решение и за натрупаните проблеми со отпадот и за топлифицирање на градовите?
– Енергија од отпадот за топлификација на градови ретко се користи во светот. Шведска е редок пример дека и таа опција треба да се зема предвид. Но, користењето на отпад за топлификација не е едноставна технологија како што некои си замислуваат. Првин треба да се прави селекција на отпадот, а потоа согорување само на одбран дел од отпадот. При тој процес се ослободуваат токсични отпадни гасови, а за тоа се потребни специјални филтри кои не се евтини. Тие филтри треба редовно да се чистат и заменуваат со нови, а и тоа не е евтина работа.
Имаме ли доволно капацитети од аспект на инженерски кадар за развој на оваа област?
– Енергетиката се изучува на машински и на електротехнички факултети од каде излегуваат стручни кадри. Но нивото на квалитет е опаднато заради немање систем на вредности, нереални рецензии, појави на непотизам, политички влијанија и друго. Потврда за ова е Шангајската листа за рејтингот на универзитетите во светот на која нас не нема ниту во првите илјада. Се разбира има и квалитетни технички кадри, но во помал број, а прашање е дали тие се поставени на соодветни работни места.





