четврток, 5 март 2026

ЦИА со почит за Глигоров што одбил 100 милиони долари од Грција за да се купи името на Македонија

Медиумите од соседството, „инспирарани“ од  неодамна декласифицираните архиви на американската разузнавачка служба – ЦИА, го откриваат историското значење на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, како една од „најенигматичните и најстратегиските фигури на југословенската транзиција“.

Објавено на

часот

Сподели

Албанската новинска агенција ИНА, повикувајќи се на документите на ЦИА, ја открива ја  внимателната дипломатска игра на Глигоров во раните 1990-ти години.

Според декласифициран документ од ноември 1992 година, се изнесуваат детали за тоа во која насока се движела Македонија како новоформирана држава по отцепувањето од поранешна федерална Југославија, со новиот лидер кој доаѓал од Белград.

„Во време кога регионот тонел во крвопролевање, Глигоров успеал да маневрира меѓу силните притисоци од Грција, ризикот од Белград и внатрешните етнички тензии со Албанците. Во разузнавачките извештаи тој е опишан како ‘мудар реформатор’ со извонредно владеење на стратешките детали“, пренесува ИНА.

Сепак, она што најмногу им оставило впечаток  во ЦИА е што Глигоров одбил 100 милиони долари од Грција за да се купи името на Македонија.

„Документот открива изненадувачка заднина: и покрај итната потреба од економска помош, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери во износ од 100 милиони долари, со услов да се смени името на државата. Претседателот ги оценил грчките барања како целосно неразумни, изјавувајќи дека Македонија никогаш нема да ги прифати. Тој инсистирал дека републиката дала доволно докази дека нема територијални претензии кон соседите, истовремено изразувајќи длабоко разочарување од Европската заедница, која ја поддржувала грчката вето-политика“, пренесува ИНА.

Во документите на ЦИА, на кои се повикува ИНА, се оценува дека на регионален план, Глигоров имал многу внимателен однос кон Белград. Иако се обидувал да одржи комуникација со лидерите од поранешна Југославија, тој решително ги одбил обидите на српскиот претседател Слободан Милошевиќ да го убеди да формира асоцијација со преостанатата југословенска држава доминирана од Србија. Како што пренесува албанската агенција, документите потврдуваат дека Глигоров немал доверба во Милошевиќ и ги сметал, заедно со хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, за главни одговорни за крвавата југословенска криза. Наспроти тоа, тој воспоставил блиска соработка со претседателот на Босна, Алија Изетбеговиќ, со кого бил во постојан контакт за координација на чекорите за заштита на суверенитетот.

Во разузнавачката анализа на ЦИА, за последната деценија на 20 век на Балканот, се оценува дека одржувањето на внатрешната стабилност било најтешката задача за Глигоров, со оглед на тензиите меѓу големата албанска етничка заедница и десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Неговата стратегија се темелела на нагласување на индивидуалните права на граѓаните, наместо на колективните права – пристап што бил прифатен од умерените албански лидери, иако тие ја обвинуваа Владата за недостиг на чувствителност. Се смета дека авторитетот на Глигоров бил клучниот фактор што ја одржувал кревката владина коалиција во која учествувале и албанските партии. За да ги ограничи радикалните струи во ВМРО, тој паралелно работел на зајакнување на врските со Бугарија и Турција, а воедно барал политичка поддршка од големите сили како САД, Британија и Франција“, пишува ИНА.

Освен анализата на тогаш актуелните политики на македонскиот претседател Киро Глигоров, документот на ЦИА содржи и детали од неговата биографија , опишувајќи го како „политичар и технократ кој со децении служел на највисоките финансиски и извршни функции во федерална Југославија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ