понеделник, 15 декември 2025

Чупеска: Реформските процеси се во катастрофален застој

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не претснува да демонстрира шокантна неподготвеност и целосно отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформска агенда, особено кога станува збор за судски реформи – од кои, како што знаеме сите , директно зависи квалитетот на нашиот живот. И, ова не само што го кочи секојдневното живеење, туку и директно ја компромитира нашата европска перспектива, изјави денеска потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.

Објавено на

часот

Сподели

Како одговорна опозиција, рече Чупеска на денешната прес конференција, СДСМ пружила искрена рака за соработка и државнички понудиле конкретна помош и „сериозна експертиза за реализација на државните приоритети поврзани со реформскиот процес“.

„Тоа, беше потврдено и на лидерската средба на нашиот претседател со премиерот, во април. Но, денес, одговорно тврдам дека наидовме на непробоен ѕид! Сведочиме, имено на недозволив недостаток на одговорност и срамно отсуство на соработка од владините институции, и, особено, сакам да нагласам од Министерството за правда. Ова, сметаме дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони, и станува бесрамно видливо“, рече Чупеска.

Според неа, работната група, која ја предводела по овластување од претседателот на СДСМ Венко Филипче, исклучително и посветено работела на законите.

„Но, ние се соочивме со перманентна нереспонзивност од Министерството за правда. Замислете, бевме упатени сами да ги обезбедуваме нацрт-законите од ЕНЕР, бидејќи Министерството одбиваше директна и суштинска соработка, односно размена на предлозите за кои постојано тврди дека ги разработува. Се прашуваме, дали воопшто постојат такви работни материјали ? И покрај ова неприфатливо и подмолно однесување, ние подготвивме и доставивме детални мислења и забелешки за јавно објавените предлози за закони, кои уредно ги архивиравме во Министерството. Како СДСМ, имаме суштински и многу сериозни забелешки за овие решенија“, кажа Чупеска.

Како што рече потпретседателката на СДСМ, анализите на партијата откриваат „шокантна“ реалност.

„На пример, Законот за Судскиот совет открива поразителна слика, затоа што од препораките на оценската мисијата, цели осум остануваат неадресирани, додека три се само делумно имплементирани. Законот за Судски совет, ваков како што е ставен на ЕНЕР создава правен хаос, бидејќи текстот е полуготов, но, и целосно неусогласен со други релевантни закони. Со други зборови, ова решение што го ставиле на ЕНЕР,  не е решение,  туку е проблем, бидејќи изобилува со конфузија, како околу изборот на членови на Советот така и околу низа други секвенци. Сè уште постои проблемот со терминот ‘истакнат правник’ и покрај сугестиите од оценската мисија, а исто така посебно обскурна е сугестијата да се предлага ‘опозициско’ пополнување на места во советот, бидејќи со тоа де факто се признава дека останатите места ќе бидат веќе  ‘политички договорени’. Ова е невидена хипокризија! Консеквентно, јасно е дека ова не е реформа, туку е фарса!“, потенцираше Чупеска.

Според неа, предложениот текст бара итни и суштински измени за да се постигне вистинска независност и кредибилитет на судството.

„Најапсурдното сепак е што Владата не покажува ни најмала волја да ја урамнотежи независноста во трите гранки на власта, туку го прави токму спротивното, со што директно го нарушува уставниот поредок. Токму поради овие нешта што претходно ги наведов, ние алармиравме во делегацијата на ЕУ, и детално го известивме и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Наводните законски решенија изобилуваат со суштински пропусти кои ги загрозуваат темелните демократски принципи. Предлагаат воведување на ‘тест за јавен интерес’ во Законот за слободен пристап до информации, а ова решение се чини дека има намера за фактичко прикривање информации, имено, отвора врата за самоволие и цензура, наместо транспарентност“, рече Чупеска.

Таа кажа дека кај Законот за прекршоците, несфатливо е како тоа не се предвидени доволно мерки за намалување на сообраќајните прекршоци, ниту пак системска работа со несовесните возачи.

„Предлагачот се фокусирал само на пенали, што е целосно неефикасно! Кај Законот за Јавното обвинителство (ЈО), наместо да се заштити независноста на обвинителството, се воведуваат решенија кои овозможуваат уште подиректно мешање на извршната власт. Дополнително, скратувањето на стажот за избор во повисоки позиции го сметаме за сериозен удар врз професионализмот, додека преопштите основи за разрешување на Јавниот обвинител разорно ја поткопуваат правната сигурност. Наместо да се зајакне улогата на Советот на ЈО како стручно тело и да се гарантира право на одбрана на обвинителот, се нудат непринципиелни решенија“, рече Чупеска.

Таа уште посочи дека за сето ова, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе иницира јавна расправа во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

„Оваа Влада не е посветена на вистински реформи, туку нејзин фокус е контрола овозможена со популизам. И тука особена замерка имаме за Министерството за правда, кое како клучен ресор, одбива соработка, игнорира експертиза и систематски ја поткопува правната држава, а се занимава со сè само со реформи не. СДСМ нема да молчи! Напротив, ќе продолжиме жестоко да се бориме за вистински европски реформи, за независно судство и за држава во која владее правото, а не политичките пазарења!“, заклучи Чупеска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ