среда, 24 декември 2025

Чулев: Судовите утврдија дека одземањето на безбедносниот сертификат и моето отпуштање биле незаконски

Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев, на социјалните мрежи објави дека неговата лична битка за правда во врска со оспорувањето на безбедносниот сертификат е завршена. Но нагласува дека борбата за правична држава – продолжува

Објавено на

часот

Сподели

„По долгите судски процеси, судовите утврдија дека одземањето на безбедносниот сертификат и моето отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекувам институциите да постапат, а сторителите да одговараат“, вели Чулев во објавата.

Меѓу другото тој открива дека бил цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт

„Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди.

Тоа беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца. Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во  системот.

Ќе бидам искрен – тоа беше период кога човек лесно може да се скрши. Неправедни обвинувања, закани и нехумани притисоци, рушење на угледот и болката кога твоите деца трпат за нешто за што не се виновни, се исклучително тешки. Но, правдата, колку и да е бавна, со вера и истрајност, сепак доаѓа“, нагласува Чулев.

Поранешниот министер за внатрешни работи вели дека објавата не ја пишувам за одмазда, ниту за саморекламирање, туку за вистината да биде јавно запишана.

„Да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен; дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина.

Ова не е само моја приказна. Многу луѓе и денес водат битки по судови за да ја докажат својата невиност и да ја вратат честа и професионалниот интегритет. Тоа е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата“,вели Чулев.

Тој порачува дека ќе продолжи да се бори за општество во кое никој нема да биде гонет затоа што мисли поинаку, во кое институциите нема да бидат алатка за политички прогон и во кое честа, професионалноста и интересите на Македонија ќе бидат пред сè.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ