„Ја поздравуваме секоја иницијатива било да е од политичка партија, здружение на граѓани, медиуми за борба против корупцијата. Ќе ги следиме сите јавни настапи било на медиумите, опозицијата или власта и секаде каде има основ за наше постапување, ќе постапуваме, но секогаш треба да се има предвид дека ДКСК е превентивно тело и нашите капацитети се ограничени во делот на истрагата. Ние во нашиот дел секогаш постапуваме“, истакна Чучуљ во вечерашното гостување на Сител во врска со најавите на опозициската СДСМ дека од утре ќе објавува снимки за коруптивното работење на власта.
Во однос на тоа дали има потреба да се ревидираат предметите на претходната претседателка на ДКСК, Чучуљ е на став дека нема потреба од такво нешто затоа што сите одлуки на Комисијата се носеле на јавни седници и со мнозинство гласови, а во однос на распределбата на предметите, Чучуљ појаснува дека распределбата е електронска и претседателот на Комисијата нема никакво влијание. Вели дека овој систем на распределба ќе го продолжи и тој како претседател.
„Сите одлуки на Комисијата се донесуваат на јавни седници согласно законот и истите се објавуваат на веб страницата. Сите одлуки се донесени и со мнозинство во мандатот на претходната претседателка така што во тој дел немам дилеми дека има простор за злоупотреба. Во однос на распределбата на предметите уште постеснено е влијанието на било кој во Комисијата од причина што согласно Деловникот за работа предметите се распределуваат електронски врз основа на приципот на ротација. Токму претходната претседателка го смени начинот на расперелба на предметите во позитивна насока, не по азбучен ред како што беше, туку по случаен избор што значи системот ги распределува предметите, не постои ниакво влијание на претседателот во тој однос“, подвлече Чучуљ.
За неговиот избор за претседател на Комисијата и едногласната поддршка од сите пратеници, Чучуљ вели дека е изненаден и благодарен за поддршката, но дека тоа го чувствува и како морална и професионална одговорност да ја оправда довербата со работа.
Најавува поголема транспаренtост кон медиумите иако вели дека и досега Комисијата била транспарента затоа што сите нејзини седници биле јавни и имало дел за прашања и предлози. Новина, како што најавува, ќе биде тоа што после една или две седници, Комисијата ќе свикува брифизи со новинарите, а во подготовка е и нова стратегија за основи со јавноста.






