сабота, 5 јули 2025

Членови на ЛДП бараат оставка од Зајкова, тврдат дека ЛДП нема доволно членови за советнички листи

Наместо одговорност за катастрофалната состојба во ЛДП, претседателката Моника Зајкова излегува по медиуми фалејќи се дека партијата била спремна за самостоен настап и дека не постоело никакво незадоволство во членството. Вистината е сосема поинаква. На извршниот одбор одржан пред два дена слушаме дека членовите се информирани дека само три рурални општини се согласиле да прават листи за советници, се наведува во соопштението на дел од незадоволни членови на ЛДП од, како што велат, катастрофалната состојба во партијата.
Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Според членовите кои бараат промени во ЛДП, ниту една урбана општина „нема намера да ѝ прави листи на Зајкова и на нејзините приврзаници кои ја киднапираа партијата, користејќи ја исклучиво за лични бенифити“.
„Сите општински организации на ЛДП, а тоа се 2/3 од партијата, кои го поддржуваат иницијативниот одбор и бараат промени, испровоцирани од нејзиниот нестабилен карактер, понижувачки и автократски однос, немаат намера да и пополнуваат листи за советници. Бркајќи ги сите интелектуалци, ветерани, теренци кои носеа гласови односно членовите кои размислуваа различно заменувајќи ги со фиктивни организации од по пет членови, ЛДП ја доведоа во позиција да не може да најде доволно членови да пополни листи за советници. На лагата и се кратки нозете, а локалните избори се на прагот. Ако ние грешиме, ја охрабруваме да оди самостојно на избори, нека направи советнички листи и нека се обиде барем да се доближе до резултатите од претходните локални избори. Нејзиното заминување е неизбежно“, се наведува во соопштението на незадоволни членови на партијата.
Оттаму упатуваат апел за обединување на партијата и воведување на кризен штаб кој ќе има обврска „да ги санира штетите кои ги предизвика нејзината политика и подготовка на ЛДП за локалните избори“.
„Обединувањето е можно само со нејзино повлекување. Подобро е за неа и за ЛДП да си замине час поскоро и да го отвори патот на обединување и спас на партијата, бидејќи после катастрофалните резултати на локалните избори, таа ќе си замине понижена од дебаклот кој ќе го доживее од членството и гласачите. Предупредуваме дека обидот да се спаси себе си и да ја продаде партијата на поголемите партии нема да ѝ успее и само ѝ губи време на ЛДП за подготовка за претстојните избори. Изјавите на состанокот на извршниот одбор дека ако не ги земе ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДСМ ги ‘моли’ за коалиција преку која ќе се спаси ЛДП ги осудуваме и ги карактеризираме како тежок неморал, непринципиелност и безидејност, но и ги предупредуваме дека коалиција со било кого ќе наиде на силен отпор помеѓу членството, а ако прошверцуваат одлука за коалиционен настап секој кој ќе коалицира со нејзе да биде свесен дека ќе добие стотина партиски гласови и толку“, се наведува во соопштението.
Незадоволните во ЛДП велат дека членството нема да поддржи „распродажба на партиските интереси за зачувување на привилегиите кои ги користат од партијата Зајкова, нејзината фамилија и неколку нејзини другари, исклучиво за лични интереси“.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ