Сведокот до детали го опишуваше објектот во кој во март годинава загинаа 63 лица, меѓу кои и малолетни деца. Објектот претрпел промени и бил реконструиран, па на сведокот Николов Дејан му беа поставувани прашања до детали за тоа каков бил претходно објектот, а каков по реновирањето.
„Сè уште стојат прозорците однадвор, се гледаат, а оној дел од западната страна е заѕидан и таму има тоалет. Прозорците од внатре се затворени со изолација, а од надвор стојат како да има прозорци, но внатрешно ги нема. Од надвор се гледаат, а од внатре се затворени. По реконструкцијата, односно по реновирањето, Деко си направи скали каде што имаше рампа. Скалите беа од железо, обложени со дрво, и врз нив имаше црвен тепих. Сега има алуминиумска врата, но не знам кој ја менуваше. По скалите има само една алуминска врата, а потоа има уште една двокрилна врата, имаше до самите скали и билетарница“, опишуваше до детали сведокот.
Тој посочи дека минатото лето обвинетиот газда Деко го реновирал објектот, ги тргнал терасите, шанковите останале и менувал нешто околу бината.
На денот на пожарот сведокот посочи дека со друштво бил во кафуле и се договориле да одат во „Пулс“, каде што бил и неговиот син.
„Во дискотеката влегов пред 2 часот по полноќ, а моите другари влегоа претходно. Му пратив порака на син ми дека сум во дискотеката и дека ќе си одиме заедно. Детево дојде кај мене, па замина, ми кажа каде стои. По неколку минути тој дојде да ме запознае со девојчето, по што му реков да излезат надвор да може да се запознаеме и да помуабетиме. Излегоа надвор, а јас бев спроти нив. Запаливме со другар цигара и ги гледав децата пред мене на неколку метри. Дојде полиција, а другаров ми рече да останам надвор бидејќи децава се малолетни, да не им направат проблеми. Се сеќавам дека откачив синџири од еден држач, како нешто да ме тераше, ама ете, потоа можело да биде многу полошо ако тоа не сум го направел. Застанав кај друштвото на мојот син. Не поминаа неколку минути, ние се шегувавме надвор и во паника, во еден момент излегува другар на син ми и вели чичко Дени, дискотеката се запали“, сведочеше емотивно сведокот.
Раскажа дека синот сакал да се врати да си на земе јакната, но го вратил и му рекол да почека.
„Син ми сакаше да влезе да си ја земе јакната, јас го вратив назад и му реков да почека и видов дека од едната страна чади. Сите деца што беа таму од друштвото на син ми, дваесетина, ги внесов во мојот дел од објектот и тие беа вознемирени. Како да снема струја тогаш и имаше големи викотници и врисоци, беше страшно. Излегуваше чад, приметив дека од вентилатор од едната страна излегува црн чад. Имам црево со голем притисок, го вклучив и прскав кон вентилаторот. Слушнав гласови и тропање, а прозорот беше со решетки, тука беше женскиот тоалет. Ги скршивме прозорците и на самите решетки се држеа девојчиња и пискаа, бараа помош. Ги смирував, ги прскав со вода, а тие од внатре ми велеа прскај нè повеќе, така полесно дишеме. Дојде пожарна и тогаш со пожарникарите се координиравме за да може да гаснеме. Зедов гази и тогаш врзавме компресивни гази да се заштитиме и почна да пука кровот, паѓаа парчиња врз нас, а се покривме со маици да може да помогнеме. Му го дадов на син ми клучот и му кажав да ја земе брусалицата да може да ги исечеме решетките. Подолу беше синот на нашите матични лекари, му дадовме вода. Детето бараше да го прскам со вода, му висеше кожата, беше изгорено, ама не го полеав бидејќи на изгорено не се става вода. Ги пазев и децава, и син ми и другарите негови, да не случајно влезат да помагаат зашто тоа се деца. Веќе беше 5 часот, а мене ми се чинеше како цела вечност. Се миевме, направив сода бикарбона и шеќер, децата ми беа многу потресени. Мислев дека има повредени, а нема жртви. Секој ден живеам со таа слика. Син ми излезе од мојот објект, ми рече тато има жртви, има тела. Го фатив за рака, само гледав да ги однесам децата дома. Потоа ми се јави полиција да го отворам сервисот бидејќи немаше кај да се мијат луѓето, дојдов и имаше што да видам. Беше страшно“, зборуваше сведокот присетувајќи се на трагедијата.
Сите обвинети во почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето е во тек, а следува испрашување на сведокот од одбраната.
Катерина Додевска






