На Универзитетската клиника за токсикологија, посочува докторот, беа хоспитализирани дваесетина тешки пациенти поради акутно труење со отровни гасови, а во периодот што следуваше поминаа и голем број пациенти кои таа вечер биле присутни во дискотеката.
Тој наведува дека со крајно професионална, стручна и посветена работа и грижа целокупниот персонал на Клиниката успеа да ги стабилизира овие млади пациенти и тие сите денес се со своите семејства.
„Упатувам искрена благодарност до целокупниот персонал на Универзитетската клиника за токсикологија и сите сродни клиники и институции, кои во тој тежок период ни даваа логистика и несебична помош во справување со оваа трагична ситуација. Бог да ги прости сите што ги изгубија животите. Господ да им даде сила на сите што изгубија блиски во несреќата да продолжат понатаму. Никогаш повеќе да не се повтори“, наведува Чибишев.






