Токму затоа случајот на 14-годишниот Михајло претставува пионерски чекор во македонската медицина – за првпат во земјава е изведена замена на колк кај дете на оваа возраст, интервенција што досега се сметала за крајна и исклучително ретка опција. Интервенцијата ја изведе хируршкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“: проф. д-р Виктор Камнар, ортопед, и трауматолозите проф. д-р Игор Кафтанџиев и д-р Михајло Ивановски.
Михајло боледува од aваскуларна некроза на главата на колкот (Legg Calve Perthes Disease), дијагноза која се јавува во детска возраст и со текот на времето доведува до целосна деструкција на зглобот. Кај него, состојбата прогресирала со значително скратување на ногата од над 4,5 сантиметри, одење на прсти, искривување на карлицата и секундарни деформитети на ‘рбетниот столб, со сериозно нарушена биомеханика на телото и изразени болки. Прогнозата, доколку не се интервенирало, била тежок инвалидитет.
„Ова е исклучително селективна хируршка процедура. Кај деца постојат големи контроверзии дали да се чека да заврши растот или да се интервенира порано. Меѓутоа, постојат јасни индикациони подрачја, како во овој случај, каде што друг избор за лекување практично не постои“, објаснува проф. д-р Виктор Камнар, ортопедот кој ја изведе интервенцијата.
Технички, операцијата е значително покомплексна отколку кај возрасни пациенти. Детскиот колк содржи голем процент ‘рскавично ткиво, а секоја грешка може да доведе до нестабилен имплант и сериозни последици во иднина. Дополнителен предизвик е и прецизното издолжување на екстремитетот – доволно за да се коригира асиметријата, но и со предвидување на понатамошниот раст.
„Целта беше истовремено да добиеме стабилен колк, да го изедначиме екстремитетот, целосно да ја елиминираме болката и да го надминеме инвалидитетот до максимум можност. Во хирургијата нема 100 проценти сигурност, затоа тежината и одговорноста на оваа интервенција се исклучително високи“, додава проф. Камнар.
Одлуката за операција следела по долга и темелна предоперативна подготовка, без оставање простор за ризик. Веќе следниот ден по операцијата започнала физикалната терапија, а детето за кратко време се исправило, престанало да оди на прсти и денес оди речиси без помагало. Присутната мускулна хипотрофија, како последица на долгогодишно некористење на ногата, постепено се надминува со рехабилитација.
„По повеќе од година и пол лутање по најдобрите ортопеди во Австрија, Бугарија и во Македонија, конечно го најдовме вистинскиот лекар за Михајло. Иако многумина нудеа операции кои не беа соодветни за неговата дијагноза – Пертес – никој не сакаше да ја изведе неопходната замена на колк кај дете од само 14 години. Зад неговата храброст што секојдневно ја гледавме, стоеше тежок психолошки товар. Сето започна со едноставен пад на час по физичко, играјќи фудбал во март 2024, по што следеа месеци неизвесност, болка и онлајн настава која дополнително влијаеше врз него“, раскажаа родителите.
Пресвртот дошол на 07.11.2025, кога проф. д-р Виктор Камнар ја извел операцијата што му го променила животот на Михајло.
„Никогаш нема да го заборавам моментот кога по три часа излезе од сала и ми рече: ‘Драгица, сè е во ред. Извини… одам да седнам, и за мене ова беше стрес, сепак е дете колку мојот син. Со посебни емоции оперирав.’ Тие зборови засекогаш ќе останат во моето срце“, рече мајката на Михајло.
Само три дена подоцна, на 10.11.2025, Михајло сам ги искачил 15-те скали до станот. Насмевката му се вратила, самодовербата исто така, а родителите конечно почувствувале олеснување.
“Најдлабока благодарност до проф. д-р Камнар за неговата извонредна стручност, човечност и храброст да ја преземе операцијата што никој друг не ја направи“, изразија мајката и таткото на Михајло.
Овој случај не е само медицински успех, туку и силна порака за храброста на современата медицина да носи тешки, но животно важни одлуки – особено кога станува збор за детство кое заслужува иднина без болка.






