9 употребувани четирицикли, моторцикли и скутери, 4 електрични инвалидски колички, 42 употребувани звучници, 21 употребувани гуми, 1 употребуван фрижидер, 1 употребувана надворешна единица за климатизер, 35 употребувани метални држачи и 1 гумен базен, со вкупна вредност од околу 2,3 милиони денари, откриле мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Швајцарија пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3. Но дел од нив не биле пријвени за царинење.

„Производите, кои не биле опфатени со царинските документи, се привремено задржани а против увозникот, жител на Скопје, ќе биде поведена соодветна постапка“, се наведува во соопштението од Царинската управа.
Македонски државјанин кој имал намера да лета за Лондон пак, бил пријавен од аеродромската служба за безбедност дека неговиот багаж е потежок од вообичаеното. При контролата на царинските службеници било откриено дека тој со себе носи 114 штеки цигари без акцизни маркички од марката Карелиа и 5 штеки цигари со бугарски акцизни маркички од марката Собрание.

„Цигарите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка“, велат од Царина.
Царинската управа информираше дека поднела кривична пријава за криумчарење 52 свечени фустани, откриени при контрола на косовски автомобил управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Возачот првично не застанал на царинска контрола, но по реакција на царинските службеници бил вратен назад, по што бил извршен детален преглед. Притоа во 3 вреќи сместени зад задните седишта и 2 ќеси сместени под совозачкото седиште, биле пронајдени непријавените фустани кои се привремено задржани.

Кај турски државјанин пак, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце, а кој возел косовски автомобил биле откриени 350 маици со кратки ракави.
„Непријавените производи, за кои возачот изјавил дека се набавени во Турција но не поседувал никаков документ за истите, биле пронајдени во патна торба и повеќе пластични ќеси сместени на задното седиште и во багажниот простор. Маиците се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка“, наведуваат во соопштението од Царинската управа.
Царината ќе поведе прекршочна постапка против македонски државјанин без регулиран престој во странство кој со возило Форд фиеста 1.4 ТД со словачки регистарски таблички се пријавил за влез во Македонија на граничниот премин Јажинце.
„Поради тоа што сопственикот на возилото, словачки државјанин, не бил присутен во возилото, возачот направил царински прекршок, односно се однесувал како возилото да е пуштено во слободен промет. Возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка“, појаснуваат од Царинската управа.






