Последниот случај е регистриран на 31 март во Гостивар, каде во раните утрински часови, околу 01:50, полициски службеници го лишиле од слобода 34-годишниот М.Д., под сомнение дека сторил убиство. Настанот бил пријавен половина час претходно, кога машко лице се обратило во полициската станица со сомнение дека во неговото семејство се случило убиство. Полицијата веднаш излегла на терен, при што во семејниот дом го пронашла безживотното тело на 63-годишниот К.Д., со видливи повреди и траги на насилство во пределот на главата.
Според првичните изјави на осомничениот, неговиот татко починал уште претходниот ден како последица на пад во купатило, но случајот не бил пријавен кај надлежните институции, што дополнително ги засили сомнежите за насилна смрт. За случајот е известен јавен обвинител и во тек е целосна истрага.
Само три дена претходно, на 28 март, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против 53-годишниот Жарко Гроздановски, анестезиолошки техничар од тетовското село Брвеница, кој е осомничен за убиство на 76-годишниот охриѓанец Климе Митрески. Основното јавно обвинителство во Охрид донесе наредба за спроведување истрага. Осомничениот и претходно бил познат на органите на прогонот, откако во 2019 година бил уапсен поради закани упатени преку социјалните мрежи кон тогашниот премиер Зоран Заев, за што бил гонет за загрозување на сигурноста преку компјутерски систем.
На 29 март, Министерството за внатрешни работи информираше дека е расчистено убиството во Виница, при што е поднесена кривична пријава против 80-годишен грчки државјанин, а во рамки на истрагата се приведени уште три лица. Станува збор за лицата И.Л., Г.П. и С.Р. од Грција, како и С.З. од битолското село Жабени.
Во координација со ОЈО Кочани, полициските служби извршиле претреси во возила и апартмани каде што престојувале осомничените, при што биле пронајдени и одземени четири ловни пушки, околу 800 парчиња муниција и други предмети од интерес за истрагата. Безживотното тело на 56-годишниот Д.А. било пронајдено во близина на градските гробишта во Виница, што го иницирало полициското постапување.
Само еден ден подоцна, на 30 март, нов трагичен случај беше регистриран во Росоман. Дваесет и седумгодишен маж сам се пријавил во полиција дека во утринските часови, околу 07:30, со остар предмет ѝ нанел повеќе убодни рани на својата 54-годишна мајка во семејниот дом. Жената починала од здобиените повреди, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Кавадарци. Осомничениот веднаш бил лишен од слобода, а увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и полициска екипа.
Овие четири одделни, но временски блиски случаи на насилство ја вознемирија јавноста и отворија сериозна дебата за причините зад ваквите трагедии, како и за потребата од навремена превенција, институционална реакција и подигнување на свеста за семејното и општественото насилство.
Надлежните институции во сите случаи најавуваат темелни истраги и соодветни кривични постапки против осомничените, со цел целосно расчистување на настаните.
Последниот период, се повеќе пријави во полицјата има и за случаи на семејно насилство.






