Она што почна како спор за раскинат договор за интернет-капацитети меѓу штипската фирма Фокуснет и Македонски телеком, денес е еден од најконтроверзните правни случаи во земјава, со сомнежи за незаконски докази, двојни записници и можни кривични дела при носењето на второстепената пресуда.
Од интернет-договор до судски лавиринти, од нула до четири милиони евра
Случајот започнува во раните 2000-ти години, кога Фокуснет склучува договор со Македонски телеком за изнајмување интернет-капацитети. Договорот набрзо пропаднал поради неплаќање на обврските од страна на штипската фирма, по што Телеком го раскинал претходно склучениот договор.
Во 2008 година, Фокуснет поднел претставка до Комисијата за заштита на конкурентноста (КЗК) која првично донела одлука во корист на Телеком, а години подоцна таа одлука ја променила, така што КЗК утврдила дека се прекршени правилата од договорот, но само неколку месеци.
„Доколку тоа бил основот за барањето на оштета, фирмата можела да бара оштета за само неколку месеци, а не четири милиони евра наводно генерирана штета од нивниот непостоечки бизнис во следните децении“, велат од Телеком.
Извори од оваа најголемата телекомуникациска компанија во земјава за МКД.мк велат дека Фокуснет неколкупати понудил да склучи спогодба со Телеком, но таа секогаш била одбивана.
Во 2023 година Основниот граѓански суд Скопје, ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком, и нивното милионско отштетно побарување, откако утврдил дека станува збор за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани сметки.
Маринела Јакасановска е судијка која првично го судела овој бизнис спор сѐ до нејзиното заминување во пензија. Таа на својот фејсбук профил напиша дека пресудата што Основниот граѓански суд Скопје ја донел во корист на Телеком е правилна.
„Дури и да се прифати дека фирмата Фокуснет има право на надомест на штета од Македонски Телеком, за тие три месеци во 2002 година, кога фактички не ја добивала договорената услуга, барањето за отштета би им било застарено, бидејќи тужбата е поднесна по истекот од три години од сознавањето за штетата и пет години апсолутен рок, од нејзиното настанување. Апелацискиот суд направил ужасна грешка кога досудл надомест на штета“, пишува Јакасановска.
Тајни документи и сомнежи за манипулации
Пресвртот се случи во 2024 година кога по жалба на Фокуснет, Апелацискиот суд Скопје ја преиначува одлуката на првостепениот суд и на штипската фирма и пресудува речиси четири милиони евра отштета, сума пресметана како изгубен профит што фирмата би го остварила доколку продолжела да работи.
Она што овој случај го прави дополнително сомнителен е што во судскиот предмет кој како судија известител го водела апелациската судијка Наташа Савовска Димитровска се нашле интерни доверливи документи на Телеком кои при одлучувањето биле прифатени како доказ.
Изворите на МКД.мк од Телеком се сомневаат дека станува збор за спогодби кои оваа телекомуникациска компанија ги имала склучено со други фирми, интернет провајдери.
Од Телеком оценуваат дека станува збор за една од најтешките повреди на судската постапка и отвораат сомнежи за протекување информации и манипулација со судскиот предмет .
„Станува збор за материјали кои не биле предложени од странките, не биле изведени како докази во првостепениот суд и материјали кои имаат доверлив карактер. Судот не смее да одлучува врз основа на материјали што странките немале можност да ги видат и оспорат. Тоа е директно кршење на правото на фер судење и отвора сериозен сомнеж за незаконско влијание во постапката“, велат од Телеком.
Дополнително, случајот се дозаплетка откако во постапката пред Судскиот совет за утврдување евентуална одговорност на трите судијки што ја донеле пресудата, се појавуваат и сомнежи за постоење на два различни записници од седницата на која Апелацискиот суд Скопје ја донел пресудата во корист на Фокуснет.
МКД.мк веќе пишуваше дека судијката Јетмире Ајдини Бошњаку била таа која алармирала откако увидела дека во предметот го нема записникот во кој таа дала издвоено мислење дека не се согласува со пресудата во корист на Фокуснет.
Поради сето ова, Македонски телеком поднел претставка до Судскиот совет со барање да се испита работата на Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку, судијките кои ја донеле контроверзната пресуда.
„Во јавно објавените информации во Извештајот на комисијата за утврдување на факти при Судскиот совет од август 2024 година, утврдени се сериозни индиции за постоење на два записници поради кои Советот го алармирал Јавното обвинителство. Натаму, од страна на Комисијата, констатирано е дека во жалбениот предмет се најдени доверливи интерни документи на Македонски телеком, кои не биле изведени како докази ниту во првостепена, ниту во второстепена постапка, ниту се јавно достапни“, велат од Македонски телеком.
За компанијата уште е индикативно што членовите на судечкиот совет се менувале повеќе пати, но не и судијката-известител, Наташа Савовска Димитровска.
Ова беше причина Судскиот совет да ги разреши судијките Савовска Димитровска и Георгиева, а Ајдини Бошњаку да биде парично казнета. По нивната жалба, Врховниот суд поради утврдени пропусти во постапката, укина дел од одлуките на Судскиот совет и наложи строго почитување на процедурата при одлучувањето за евентуалната одговорност на трите судијки. Како што дознава МКД.мк Советот ќе го разгледува овој предмет на седницата закажана за утре.
Предметот беше доставен и до Јавното обвинителство, кое отвори предистражна постапка за да утврди дали се сторени евентуални кривични дела во начинот на донесување на пресудата.
Притисоци и судир на интерес, случај што ги надмина парите
Освен ова, Врховниот суд му наложи на Судскиот совет да ги расчисти сомнежите за судир на интереси на поранешната членка на Советот, Тања Чачарова Илиевска која покрена постапка за утврдување одговорност кај трите судијки.
Разрешената судијка Савовска Димитровска минатата недела на прес конференција ја обвини Чачарова Илиевска дека со судир на интереси и надминување на надлежностите директно влијаела врз постапката за нејзино разрешување тврдејќи дека постоеле јасни и јавно достапни докази за нејзини претходни релации со Македонски телеком.
„Постапката беше поведена по барање на член на Судскиот совет кој не побарал изземање и покрај очигледен судир на интерес. Врховниот суд наложи негово изземање, што по автоматизам го прави целото барање за одговорност недозволено. Судскиот совет недозволиво навлегол во оценување на законитоста и правната основаност на судската пресуда, што е надвор од неговите законски надлежности. Различното правно толкување не може да претставува основа за дисциплинска или кривична одговорност на судија. Во укинатата одлука не била направена анализа на доказите, што Судскиот совет е должен да го стори при повторното постапување. Дополнително, постапката се води за предмет по кој сè уште трае ревизиска постапка пред Врховниот суд, што не е дозволено според новиот Закон за Судскиот совет и претставува директен притисок врз судиската независност“, изјави Савовска Димитровска.
Судијката ги отфрли како шпекулации сомневањата за фалсификувани записници и незаконско користење документи, оценувајќи дека се пласирани со цел да се дискредитира нејзината работа.
Нејзиниот адвокат Ѓорѓе Поп-Кочев, тврдеше дека имало притисоци за менување судска одлука и дека Телеком располагал со информации за пресудата уште пред таа официјално да биде доставена до странките.
Од Македонски телеком потврдуваат дека Чачарова Илиевска била дел од Собранието на акционери на компанијата, како претставник на Владата, но дека нејзиниот ангажман завршил во декември 2020 година односно четири години пред донесувањето на контроверзната пресуда.
„Ангажманот на Чачарова Илиевска е ад хок ангажман. Собранието не управува со фирмата туку ги потврдува одлуките на Управниот одбор. Како владин претставник, таа учествувала во донесување одлуки на годишните состаноци на акционерите, на кои се гласа за избор на членови на Одборот на директори, усвојување на финансиски извештаи и други корпоративни одлуки. Собранието не носи одлуки за резервирање на средства. Тоа е процедура која се утврдува со финансиските планови кои се подготвуваат од претходната за идната година. Како може Телеком да знае колку би чинел судскиот спор особено што првостепената пресуда беше во наша корист, а второстепена пресуда немаше. Единствена несреќна околност е што Чачарова Илиевска била во комисијата која била на увид во Апелацискиот суд Скопје “, велат од Телеком.
Предметот сè уште е активен – Врховниот суд одлучува за законитоста на пресудата од речиси четири милиони евра, Судскиот совет утре повторно треба да расправа за дисциплинската одговорност на судијките, а Јавното обвинителство води предистражна постапка за можни злоупотреби во судскиот процес. Судот, по предлог на обвинителството, привремено ја стопира извршната наплата на четирите милиони евра додека трае истрагата .
Случајот Фокуснет–Телеком не е обичен спор. Тој е симбол на трулежот во судскиот систем и тест дали правната држава функционира кога во игра се милиони и моќни компании. Иако во центарот на овој спор формално се четирите милиони евра оштета, случајот одамна ја надмина финансиската димензија. Во игра се правото на фер судење, законитоста на пресудите, интегритетот на судиите како и улогата на институциите во заштита на правната држава.
Искра Опетческа






