понеделник, 15 декември 2025

Четири активни пожари, најкритично е во Прилеп, Крушево и во Малешевијата

Центарот за управување со кризи соопшти дека до 13 часот регистрирани се 13 пожари на отворено од кои четири се активни пожари. најкритично е во Прилеп, Крушево и во Малешевијата каде од денеска на македонските пожарникари им се приклучија и тимови од Чешка и Словенија. Директорот на Диркецијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов изјави дека едниот крак на пожарот кај планината Готен го гасат локалните пожарникари со поддршка од тимови на ЈП Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и локалното население.

Објавено на

часот

Сподели

Најкритично е кај селото Нивичино, кое се протега низ општините Василево, Радовиш и Берово. Пожарот таму зафатил делови од планините Голем Готен и Малешевските планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и сува вегетација.

Директорот на Диркецијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов изјави дека едниот крак на пожарот кај планината Готен го гасат локалните пожарникари со поддршка од тимови на ЈП Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и локалното население.

„Се надевам дека овој пожар во следните неколку денови ќе биде изгаснат. Вториот крак од пожарот уште вчера беше ставен под целосна контрола, на моменти целосно изгаснат, но и денеска избиваат жаришта поради што утрово беше испратен полицискиот хеликоптер кој од воздух им помага на екипите на земја. Верувам дека пожарот кај Готен од радовишката страна ќе биде целосно изгаснат“, изјави Ангелов.

Од денеска на помош на македонските пожарникари се и тимовите од Чешка и Словенија.

„Денес пристигнавме за да одговориме на барањето за помош. Нашиот модул се состои од 61 член, од кои 42 се доброволни и професионални пожарникари, специјализирани за шумски пожари. Модулот има и 17 возила, од кои седум се специјализирани за шумски пожари. Во моментов, се подготвуваме во координација со локалните власти за да започнеме со гаснење на пожарите. Изразуваме солидарност со македонскиот народ и погодените заедници“, изјави тим лидерот на словенечките пожарникари, Шкрљ.

Во Прилеп, огнот избувнал кај селото Бешиште, на локацијата позната како Бешишки Рид, и се проширил кон селото Градешница во Новаци, како и до границата со Грција, зафаќајќи мешана шума. Иако дел од пожарот е под контрола, неколку крака сè уште се активни.

Пожар беснее и во регионот помеѓу Прилеп и Кавадарци, на релацијата Царевиќ – Смолани – Радобил – Дрен (општина Прилеп), како и во близина на селата Галиште и Трстеник (општина Кавадарци). Се гори мешана шума и ниска вегетација, а теренот е тежок за гаснење.

Уште еден активен пожар е регистриран кај Крушево, каде што градската депонија во атарот на месноста Струнга се запалила, зафаќајќи ѓубре, сува трева и нискостеблеста шума.

Во меѓувреме, пет пожари се ставени под контрола, меѓу кои и оној во Штип, кој се проширил помеѓу селата Драгоево и Селце. Во Карбинци, пак, пожарот што избувна во Јунузлија зафатил шума, додека во Делчево, градската депонија Острец била под пламен.

Во Прилеп, повторно, друг пожар избил на улицата Јоска Јорданоски, а во Куманово, во селото Градиште, пожарот зафатил ниска вегетација. Сите овие интервенции се активно следени и контролирани од надлежните служби.

Од друга страна, четири пожари се целосно изгаснати – два на подрачјето на Македонски Брод, кај селото Грешница и во реонот помеѓу Црешево, Локвица и Крапа, каде горела деградирана дабова шума. Во Македонска Каменица, кај селото Ќосевица, изгасната е борова шума, додека во Струмица, кај селото Просениково, бил изгаснат пожар со трска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ