вторник, 15 јули 2025

Честитки од државниот врв за Курбан бајрам до граѓаните со исламска вероисповед

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир еф. Фетаи и до сите верници од исламска вероисповед.

Објавено на

часот

Сподели

„Почитуван реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, дозволете ми вам,лично и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед во државава, да ви упатам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан бајрам и од сѐ срце да ви посакам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов.

Како празник на дарувањето и на помагањето, Курбан бајрам ја истакнува благородноста на човекот, мотивирајќи нè да се грижиме за сите членови на заедницата. Како општество, отсекогаш се истакнуваме со солидарноста, сплотеноста, почитта и грижата и тоа мора и понатаму да го чуваме и да го негуваме.

Живееме во сложени и динамични времиња со тектонски политички и економски промени на глобално ниво, коишто бараат мудрост, заедништво и силна волја и истрајност.

Да се потпреме еден на друг, да ги развиваме емпатијата и солидарноста, и суштински да се залагаме за благосостојбата на сите наши сограѓани и за просперитет на татковината! Честит Курбан бајрам“, се наведува во честитката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својата честитка за Курбан бајрам порача „солидарноста и милосрдието што ја одликуваат бајрамската традиција послужат како поттик за уште поголема меѓусебна почит и заедништво во нашето мултикултурно општество“
„Во мое лично име и во името на Собранието на Република
Македонија, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот празник Курбан бајрам.
Овој светол ден на жртвувањето нè потсетува на важноста на верата,
добрината и грижата за ближниот. Нека празничните денови внесат духовен мир,
здравје и изобилство во Вашите домови, а солидарноста и милосрдието што ја
одликуваат бајрамската традиција послужат како поттик за уште поголема меѓусебна почит и заедништво во нашето мултикултурно општество.
Убеден сум дека, со заедничка посветеност, сите ќе продолжиме да го јакнеме
соживотот, толеранцијата и хуманоста во нашата држава. Собранието останува
цврсто посветен партнер во унапредувањето на слободата на вероисповед и во
градењето општество на еднакви можности за сите.
Нека Курбан бајрам Ви донесе радост, благосостојба и благослов во секое
семејство“, наведе во честитката, претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски, исто така упати честитки до поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, реис-ул-улема, Шакир ефенди Фетаху, по повод празникот Курбан бајрам, како и до сите граѓани со исламска вероисповед во земјава

„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да ви го честитам муслиманскиот празник Курбан бајрам, вам и на сите граѓани припадници на исламската заедница и да ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, мир, благосостојба и спокој во вашите срца и домови“, вели Мицкоски во честитката.

Понатаму премиерот наведува дека празникот Курбан бајрам нè потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани, бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини.

„Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава, затоа потребно е да си подадеме рака и да ги почитуваме различностите, бидејќи само така ќе изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.

Нашата заложба е државата да ја градиме во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција. Тоа ќе го постигнеме само доколку сме обединети заедно“, вели Мицкоски.

Тој потсетува дека како Влада за краток период успеале во трансформирација на државата, преку дијалог и соработка да се реализираат проекти од кои најголеми придобивки ќе имаат сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност.

„Но, потребни се крупни чекори за остварување на заедничките цели и затоа нека борбата за подобра иднина, надеж и поквалитетен живот бидат нашата заедничка водилка за успешна и победничка Македонија, држава – дом за секој граѓанин и Македонија држава на промените.
Нека ви е честит Курбан бајрам“, порачува во честитката премиерот Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ