„Почитуван г. г. Стефан, Чест и задоволство ми е Вам лично, и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Посакувам празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот.
Верувам дека осветувањето на македонските води ќе ни помогне да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата.
Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа“, се наведува во честитката на претседателката Силјановска-Давкова.

Таа нагласува дека свесноста оти човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството.
„Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање. Да се радуваме што постоиме, да го цениме и да го почитуваме она што го имаме, материјалните и духовните богатства да ги споделиме со другите. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина. Бог се јави!“, порачува претседателката на Македонија во честитката до црковните великодостојници и верниците за празникот Богојавление – Водици.

Честитка за празникот упати и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Во име на Собранието на Република Македонија и во мое лично име, Ви упатувам честитки по повод празникот Водици. Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето на напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот“, се вели во честитката за Водици, на собранискиот спикер, Африм Гаши






