сабота, 20 декември 2025

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците испраќа наjсрдечни честитки до сите наши сограѓани, припадници на бошњачката заедница.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој значаен празник претставува симбол на стремежот за афирмација на идентитетот, традицијата и вредносниот систем на Бошњаците, како интегрален дел од културно-политичкиот простор на Балканот. Несомнено, празнувањето на овој датум е потсетник дека животот на секоја заедница добива полна смисла само тогаш кога е признаен, почитуван и валоризиран во општеството“, се вели во честитката од Сиљановска-Давкова.

Во честитката, претседателката додава дека во една современа и демократска држава каква што се стреми да биде Македонија, местото на секоја етничка заедница не е маргинално, туку суштинско, во процесите на соживот, граѓанска кохезија и посветено работење за подобра иднина.

„Впрочем, вистинскиот напредок на едно општество не се мери само со економски параметри, туку и со степенот на почитување и вклучување на сите негови граѓани, независно од етничката, верската или културната припадност. Во оваа смисла, Меѓународниот ден на Бошњаците е и можност за рефлексија, да се потсетиме дека заедништвото не е само политички идеал, туку практична и суштинска потреба за стабилност и хармонија во општеството. Тоа бара заемна доверба, искрен дијалог и отвореност кон различноста, вредности коишто македонските граѓани отсекогаш ги имале и продолжуваат да ги негуваат и развиваат“, наведува Сиљановска Давкова.

Претседателката очекува денешниот празник да биде инспирација за продолжување на заедничкиот пат кон општество на еднакви можности, достоинство и шанса за сите.

„На Бошњаците, но и на сите сограѓани, им посакувам празник исполнет со гордост, радост, среќа и позитивни мисли. Да ни е честит 28 Септември – Денoт на Бошњаците“, пишува во честитката од Сиљановска-Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ