четврток, 18 декември 2025

Честитка од Македонците во Албанија: Илинден е нашиот завет

По повод националниот празник Илинден, до сите Македонци честитка упатија партијата МАЕИ и македонските друштва во Албанија, порачувајќи дека Илинден е симбол на непокорот, единството и достоинството на македонскиот народ.

Објавено на

часот

Сподели

„На овој ден, се поклонуваме пред сите херои кои се жртвуваа за македонската слобода, и ги повикуваме сите Македонци на единство, истрајност и решителна заштита на нашиот национален идентитет. Нека е честит и вековит Илинден! Да живее македонскиот народ! Да живеат Македонците во Албанија“, се наведува во честитката на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Македонското друштво „Преспа“-Пустец, во честитката наведува дека „Илинден  е нашиот завет на достоинство, крвта што чука во срцето на секој Македонец“.

„Од Крушево до денес, нашите херои ни оставија обврска – да останеме исправени, горди и единствени, каде и да сме.  Илинден не е само спомен. Тој е пламен што не гасне – ниту под притисоци, ниту под закани. Тој е крвта што чука во срцето на секој Македонец.  Честит Илинден – да живее Македонија и нашата непокорна љубов кон неа“, стои во честитката потпишана од Едмонд Темелко, претседател на друштвото.

Честит и вековит Илинден, најголемиот македонски празник го честиташе и македонското друштво „Илинден“ Тирана, порачувајќи „Да го почитуваме и славиме овој голем ден во чест на Илинденско востание од 1903 и големиот Илинден 1944 година“, при тоа објавува и фотографија од излет на Македонците во Тирана во 1937 година.

Честитка упати и Панди Јани, познат активист за правата на Македонците и локален лидер на Партијата на слободата за Пустец.

„Денес се сеќаваме на храбрите борци и револуционери кои се бореа за нашиот идентитет, култура и слобода. Нека овој ден не потсети на значењето на нашата историја и на нашиот заеднички стремеж за подобра иднина. Честит и вековит Илинден. Да продолжиме да го негуваме и зачувуваме она што нашите предци го извојуваа со толкава пожртвуваност и љубов кон татковината“, стои во честитката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ