Реконструкцијата на поранешниот објект на Комерцијална банка, вредна првично 6,6 милиони евра, се претвори во пример за неконтролирано трошење јавни пари. По речиси три години, проектот сè уште не е завршен, а неговата вредност е зголемена за 2,1 милион евра, односно за 32 отсто над законски дозволените 20 отсто.
„Реконструкцијата, првично планирана да трае 18 месеци и да чини 6,6 милиони евра, сè уште не е завршена по речиси три години од склучувањето на договорот. Во текот на реконструкцијата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и градежната компанија склучиле вкупно 51 анекс на основниот договор, од кои 10 во еден ден. Вредноста на основниот договор со анексите е зголемена за 2,1 милион евра, односно за 32 отсто во однос на првично договорената сума, што е спротивно на Законот за јавните набавки, којшто овозможува зголемување од максимум 20 отсто“, покажуваат резултатите од истражувањето на ЦГК.
Оттаму дополнуваат дека дел од 51 анекс-договор воопшто не се објавени во системот за јавни набавки, што укажува на сериозни пропусти во транспарентноста.

Вишоците наплатувани, а кусоците само евидентирани
Според резултатите од истражувањето, проектот претрпел измени во речиси половина од првичната спецификација (49 отсто), со нови непредвидени работи, вишоци и кусоци, кои не биле соодветно пресметани. Во исто време, рокот за изведба е двапати продолжен, првиот пат до декември 2025 година и вториот пат до јуни 2026 година.
„Во меѓувреме, од СОЗР се бара да пронајде правна основа за пренамена на евидентираните кусоци од 1,1 милион евра и да ѝ се овозможи на градежната компанија да ги користи за реализација на новопредвидените позиции од новите технички решенија и новиот проект за противпожарна заштита во зградата. Законот за јавните набавки не овозможува пренамена на кусоците и нивно користење во новопредвидени позиции“, пишува во истражувањето на ЦГК.
Дека постојат проблеми за реализација на реконструкцијата на зградата на Комерцијална банка покажува и една информација наведена од страна на надзорот дека од страна на изведувачот на работите до инвеститорот е доставено барање за промена на цени „поради доцнење со реализацијата на проектот кои причини не се по вина на изведувачот.“
Заради ова, од ЦГК велат дека останува нејасно зошто се наметнува ова прашање ако се има предвид дека во склучениот договор е предвидено дека договорните страни се согласни со цените од понудата на извршителот по спроведената е-аукција на 30 декември 2022 година, која претставува составен дел на договорот. Според договорот, цените во текот на целото времетраење на истиот требало да бидат фиксни и нема подлежат на корекција, по било кој основ.
„Вредноста на овој договор без пресметан данок на додадена вредност (ДДВ) изнесува 343.800.000 денари. ДДВ изнесува 61.884.000 денари. Вкупната вредност на овој договор со пресметан данок на додадена вредност изнесува 405.684.000 денари. Во овој случај, проблематично е и тоа што рокот за изградба на државниот објект од 18 месеци од ‘воведување во работа’ бил услов утврден во тендерската документација. СОЗР двапати се согласила на продолжувањето на рокот за градба, првиот до декември 2025 година и вториот пат до јуни 2026 година. Менувањето на рокот кој бил услов во тендерската документација претставува повреда на начелото на еднаков третман на економските оператори бидејќи подолгиот рок на реконструкција можел да влијае врз понудените цени, како и врз можноста на други фирми да учествуваат“, појаснуваат од ЦГК.

Доцнења без санкции
Иако договорот предвидува казни за доцнење, институциите не ги примениле.
„Извештаите изготвени од фирмата што го врши надзорот над реконструкцијата дополнително укажуваат на финансиската неизвесност околу целосната реализација на реконструкцијата на овој државен објект. Со оглед на тоа што рокот за изградба на овој државен објект од 18 месеци од ‘воведување во работа’ бил услов утврден во тендерската документација, неговото менување претставува повреда на начелото на еднаков третман на економските оператори“, потенцираат од ЦГК.
Парадоксално, велат оттаму, е тоа што за само шест месеци треба да се завршат 37 отсто од работите, иако во претходните 26 месеци се реализирани само 63 отсто.
„Иако договорот предвидува договорни казни во случај на доцнење од страна на изведувачот, СОЗР досега не презела активности за нивна примена со цел заштита на јавните ресурси“, велат од ЦГК.
Кон заклучокот дека договорот е потпишан и заборавен, потенцираат од ЦГК, води и информацијата дека СОЗР во изминатиот период не постапила во согласност со склучениот договор кој предвудива дека доколку фирмата извршител на работите не ги извршува работите навремено и квалитетно или не исполни некоја од обврските, нарачателот, во случајов СОЗР, банкарската гаранција може да ја наплати во своја корист. Договорот исто така предвидува дека доколку извршителот не ги исполни своите обврски, нарачателот може да бара или исполнување на обврската и тоа веднаш или исплата на договорна казна.
„Тоа што СОЗР не презел активности во насока на почитување на одредбите од договорот упатува на целосна негрижа кон јавните пари. Нејасно е како е можно да се толерира непочитување на склучен договор и да не се побара одговорот од вклучените страни во процесот на реализација на реконструкцијата на овој државен објект“, заклучуваат во истражувањето од Центарот за граѓански комуникации.
Зградата изгоре во пожар во септември 2020 година. Во неа беа сместени Државниот инспекторат за животна средина, Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и новинската агенција МИА. Шест години подоцна никој не знае да каже како настана пожарот и колкави се последиците од него.
Искра Опетческа






