четврток, 9 април 2026

ЦГК: Главниот извор на нерегуларности во здраствените тендери е вреднувањето на понудите

Во 71 отсто од жалбите на фирмите се оспорува одлуката за избор на најповолна понуда, што укажува дека главниот извор на нерегуларности во здраствените тендери е евалуацијата на понудите како фаза со највисок ризик од фаворизирање на одредени понудувачи, покажуваат резултатите од најновото истражување на Центарот за граѓански коминикации објавено денеска.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Како што пишува во истражувањето, анализата на жалбите укажува дека здравствените институции неретко ги евалуираат примените понуди непрецизно и со невоедначени критериуми, избирајќи понуди кои не ги исполнуваат барањата од тендерската документација.

„Еден од најчестите проблеми се нејаснотиите во врска со потребната документација за пуштање во промет и увоз на лекови, што создава административни пречки во тендерската постапка и го зголемува ризикот од субјективно постапување.

Исто така, во тендерите се поставуваат несоодветни и селективно дефинирани технички критериуми или истите се менуваат во текот на постапката, со што се создаваат услови за фаворизирање на одредени фирми и се генерира корупција“, велат од ЦГК.

Државната комисија за жалби по јавни набавки усвоила 42 отсто од жалбите поднесени од фирмите до здравствените институции, што значи дека, се наведува во истражувањето, во речиси секој втор предмет Комисијата утврдила неправилности при постапките за јавни набавки во здравството.

„Одредени здравствени институции не постапуваат по решенијата на Државната комисија за жалби, со што се нарушуваат принципите на законитост и правна сигурност и се создава сомнеж за прикриено фаворизирање. Процентот на обжалени тендери во здравството изнесува 1,95, што е помалку и од онака нискиот процент на жалби на сите набавки во земјата од три отсто. Ова укажува дека правната заштита не се користи како ефикасен инструмент за борба против корупцијата во набавките“, пишува во резултатите од истражувањето.

Според ЦГК, релативно малиот број жалби создава состојба во која здравствените институции не се под доволен надворешен притисок да ги почитуваат законските норми, што го зголемува ризикот од пристрасно доделување договори и злоупотреба на јавните средства.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ