Истражувањето покажува сериозни отстапувања, храната се дели за 15 до 30 минути наместо предвидените два часа, дел од оброците не ги содржат сите предвидени намирници, а корисниците, за ЦГК сведочат дека никогаш не добиле супа, овошје или сирење, иако тоа е дел од договорените менија.
„Податоците во тендерската документација претставувале основа за формирање на цената по оброк, при што наведените услови имаат директно влијание врз реалноста и оправданоста на договорената цена. Оброците кои државата ги плаќа по 239 денари се значително повисоки од малопродажните цени на производите кои се движат и до 120 денари. За споредба, во Тетово слични оброци чинат 105 денари. Реализацијата на договорот за јавна набавка отстапува од условите утврдени во склучениот договор и во однос на менијата. Во одредени денови недостигаа супа, овошје и сирење, а во поединечни случаи, испорачаните количини не беа според договорот“, покажуваат резултатите од истражувањето на ЦГК.
Тендерот само на хартија изгледа функционален
Тендерската документација предвидува јасни правила, подготвување, транспорт и сервирање на храна на девет локации, во соодветни простории, со дефинирани менија и нутритивни стандарди. Предвидено е секој корисник да добие топол оброк секој работен ден, а за викенд – ланч-пакет. Постои и временска рамка, контролни механизми и одговорно лице за следење на реализацијата.
Наместо социјална грижа, велат од ЦГК, оваа пракса резултира со понижување на најранливите, луѓе кои чекаат храна на улица, изложени на временски услови и стигматизација. Корисниците чекаат на отворено, често во несоодветни услови. Нема простор за конзумирање, нема хигиенски стандарди, нема достоинство. Наместо социјална услуга, се добива сцена што наликува на хуманитарна криза, констатираат од ЦГК.
Особено загрижува фактот, велат оттаму, што институциите не даваат прецизни информации за локациите. Обидите да се добијат официјални податоци завршуваат безуспешно, што дополнително го ограничува јавниот надзор.
„Договорот за јавна набавка на готови оброци за корисниците на народни кујни во вредност од 1,5 милион евра не се спроведува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и понудата, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Тендерската документација на Министерство за социјална политика, демографија и млади упатува на постоење простории кои служат како народни кујни, но во пракса, на седум од девет наведени локации, храната се дели директно на улица, а комбињата се задржуваат од 15 до 30 минути“, констатирале од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Менито – договорено едно, испорачано друго
Дополнителен проблем е квалитетот и составот на оброците. Според резултатите на истражувањето на ЦГК, договорот предвидува јасно дефинирани менија, со супа, главно јадење, салата, овошје и други компоненти. Но, теренските проверки на ЦГК покажале систематско отстапување, недостигала супа во оброците, немало овошје или сирење, количините биле намалени, викенд пакетите се некомплетни. Во некои случаи, оброците биле сведени на минимален сет производи, кои тешко може да ги задоволат нутритивни потреби на луѓето. Корисниците сведочеле дека одредени компоненти, како супа, „никогаш не добиле“.

„Во склучениот договор за оваа јавна набавка се вели дека непридржувањето на носителот на набавка кон неделното мени, ориентационите норми за приготвување на готов оброк – ручек и ориентационите норми за ладен оброк – ланч-пакет за време на викендите ќе резултира со раскинување на договорот и наплата на гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот. Воедно, носителот на набавката се обврзува да постапува по насоките и барањата на одговорото лице за следење на реализацијата на договорот и да доставува извештаи за спроведената дистрибуција, со потписи на овластени лица за секоја локација. Во договорот е наведено името на лицето задолжено за следење на реализацијата на овој договор, но нема прецизни одредби во однос на начинот на контролата на реализацијата на договорот од страна на Министерството, со што се создава ризик од злоупотреба на јавните средства“, пишува во извештајот на ЦГК.
Непознат број на корисници
Проблематичен е и бројот на корисници. Договорот формално предвидува 1.000 луѓе, но вредноста покрива 1.027, без јасни официјални податоци. Министерството за социјална политика, демографија и млади одбило да достави информации, со што дополнително се зголемува сомнежот за злоупотреби.
„Кој е реалниот број корисници на овие оброци? Ова е прашање на кое не може да се даде точен одговор, затоа што во тендерската документација, како и во склучениот договор, е наведено дека бројот опфаќа до 1.000 готови оброци на ден. Но релевантноста на овој податок е доведена во прашање со фактот што вредноста на склучениот договор е поголема, и со 89.775.000 денари можат да се обезбедат оброци за 1.027 лица. Ако е така, се поставува прашањето на што се должи растот на корисниците за 26 отсто во однос на 2024 година. Имено, според доставеното известување за реализиран договор, со претходниот тендер за истата намена биле потрошени 71.400.000 денари што, доколку се подели со цената по оброк (240,45), значи дека имало 813 корисници на оброците“, се наведува во истражувањето на ЦГК.

Од Центарот за граѓански комуникации заклучуваат дека корупцијата во јавните набавки во Македонија продолжува да претставува сериозен системски проблем што директно го поткопува владеењето на правото, ја намалува довербата на граѓаните во институциите и доведува до нерационално трошење на јавните средства и нивна злоупотреба.
„И покрај бројните декларативни заложби за борба против корупцијата, институционалната пракса сѐ уште не покажува доволно системски и континуиран напредок во откривањето, процесирањето и санкционирањето на коруптивните практики, особено во областа на јавните набавки, која останува најранлива област според националните антикорупциски анализи“, заклучуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Искра Опетческа






