Како што посочи Мицкоски, владеењето на правото и безбедноста на граѓаните е темелна уставна вредност, затоа Владата има задача да ја почитува оваа темелна вредност. Премиерот нагласи дека во изминатиот период голем дел од граѓаните се чувствувале како граѓани од втор ред, додека, како што рече, мала група, која била тесно поврзана со тогашната коалиција на власт биле граѓани од прв ред.

„Она што ќе се случува во периодот што следува, подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, нешто што го очекуваат граѓаните од нас и од оваа Влада, а нешто што за жал, не беше случај во минатото кога најголемиот дел од нашите сограѓани се чувствуваа како граѓани од втор ред, а една мала група којашто беше тесно поврзана со коалицијата на власт, СДСМ-ДУИ беа граѓани од прв ред. Сега нема привилегирање! Борбата против криминалот и корупцијата е безмилосна и така и ќе продолжи. Мораме да покажеме дека е неисплатливо да се занимавате со криминал и корупција во оваа држава“, нагласи Мицкоски.
Амбасадорката Агелер во своето обраќање, пак, рече дека акредитацијата не е само формалност, туку ригорозен процес кој го оценува секој аспект на Академијата, од измени на наставната програма и обуката до објектите и административните практики.

„Акредитацијата не е само формалност. Како што знаете, тоа е ригорозен процес кој го оценува секој аспект на Академијата, од измените на наставната програма и обуката, до објектите и административните практики. Денешниот настан е навистина одраз на вашата посветеност да тренирате, едуцирате и да ги изградите идните маргини на оваа земја. Ова достигнување постави висок стандард кој мора постојано да се подобрува и одржува. ‘Лошите момци’ постојано учат нови начини да го прекршат законот и затоа мора да работите побрзо“, нагласи Агелер.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски, посочи дека од суштинско значење е Центарот за обука да остане иновативен, нагласувајќи ја потребата на министерството од ваков центар, за кој, рече, е неопходен за сите полициски служби и организациски единици.
„Со оваа акредитација правиме уште еден голем чекор напред во етаблирањето на Центарот за обука како врвен, кредибилен и професионално оспособен центар за обука, кој е неопходен за министерството, за сите негови полициски служби и организациски единици“, рече Тошковски.






