вторник, 10 март 2026

Цените на горивата паднаа на светските берзи, во Македонија една недела ќе бидат по „кризна тарифа“

Цените на горивата во Македонија од денеска се повисоки, но и натаму се меѓу најниските споредено со тие во соседните и државите од поширокиот европски регион, со исклучок  на Босна и Херцеговина и Турција, се вели во анализата на МИА, по споредбата  на податоците за цените на горивата од сајтот Fuelo.eu.

Објавено на

часот

Сподели

По растот на цената на нафтата во светот, бензините во државава поскапеа за пет денари по литар, а дизелот за 14,5  денари по литар, со што новата малопродажна цена на еуросупер БС – 95 е 79,5 денари за литар ( 1,289 евра),  а на дизелот еуродизел БС (Д-Е V) 85,5 денари за литар (1,386  евра).

Според Fuelo.eu, каде има преглед на цените на горивата во евра, од државите во регионот, во однос на тие кај нас, повисоки се цените во: Бугарија, каде литар бензин 95 се продава за 1,340 евра, а дизел 1,440 евра; во Србија бензинот е 1,520 евра за литар, а дизелот 1,683  евра; во Грција, бензинот е  1,811 евра,  а дизелот 1,698 евра; во Хрватска бензинот 1,510  евра, а дизелот 1,550 евра.

Пониска е цената на бензинот во Босна и Херцеговина каде литар се продава за 1,185 евра, додека таа на дизелот е повисока и изнесува 1,435 евра. Поевтини горива има Турција каде литар бензин 95 чини 1,095 евра, а литар дизел 1,264 евра.  Во останатите европски држави  цените на горивата се повисоки,  во Словенија цената на бензинот 95 е 1,451 евра, а на дизелот 1,509  евра; во Австрија бензинот е 1,660 евра, а дизелот 1,753 евра; во Белгија бензинот е 1,602  евра, а  дизелот  1,731 евра; во Германија бензинот е 2,074  евра, а дизелот 2,138 евра; во Шпанија бензинот е 1,659 евра, а дизелот 1,748 евра; во Франција бензинот е 1,875, а дизелот 1,960 евра; во Унгарија  бензинот е 1,456 евра, а дизелот 1,503 евра; во Италија бензинот е 1,879 евра, а дизелот 2,076…

Премиерот Христијан Мицкоски викендот порача дека во државава има доволо нафта и нафтени деривати и оти граѓаните треба да бидат спокојни, најавувајќи дека Владата веднаш ќе интервенира ако има драматичен скок на цената.

Според последните податоци на Си-ен-би-си (CNBC) цената на WTI-суровата нафта падна на 81 долар за барел, додека brent-суровата нафта се спушти на 84 долари за барел.

Ова, според Си-ен-би-си се случува по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека војната е речиси завршена.

Во текот на претходниот ден, цената на нафтата достигна и до 119 долари по барел, а последен пат тоа се случи по руската инвазија на Украина.  Според Си-би-ен-си сега ситуацијата бргу се смирува.

И покрај сета статистика за најмалата цена на горивата во регионот, опозициската СДСМ реагира за последното поскапување на нафтените деривати во Македонија, кое се случи неколку часа пред падот на цените на нафтата на светските берзи. Односно, реакцијата се однесува дека овие цени ќе останат цела недела, поради неодамна сменетиот начин на РКЕ за одредување на цените на горивата.

„Регулаторната комисија за енергетика во ек на нафтена криза го смени начинот на одредување на цените на горивата во Македонија и наместо секој ден, во зависност од движењето на цената на нафтата на светските берзи, го утврди еднаш недело, на 7 дена. Резултатот е огромни колони на бензинските пумпи и профит врз грбот на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од СДСМ наведуваат дека да важеше стариот начин на пресметка, денес РКЕ ќе ја намалеше цената на горивата

„Денеска цената на нафтата на берзите се движи од 84 до 86 долари за барел и е поевтина во споредба со цената од 96 евра во петокот, кој го направи високиот просек за вчерашното поскапување од 20% на цената на дизелот.

Да важеше стариот начин на пресметка, денес РКЕ ќе ја намалеше цената на горивата и веќе од утре граѓаните ќе купуваа поевтин дизел и бензин.

Вака, поради избрзани и штетни одлуки на РКЕ, граѓаните цела недела ќе плаќаат поскапи деривати, околу 3 милиони евра повеќе за само 7 дена.

Дали намерно е сменет правилникот?

Очигледно  поради празниот буџет, на владата на Мицкоски и одговара поскап бензин, за повеќе пари од акциза и ДДВ. Сè е бизнис за Мицкоски и неговата влада“, реагираат СДСМ во соопштението.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ