Минатата година, во првиот квартал становите забележаа годишно поскапување за 19,5 проценти, во вториот за 19,9 проценти, во третиот од 25,1 проценти, а во четвртиот од 25 проценти.
Агенцијата за катастар на недвижностите во извештајот од регистарот на цени и закупнини на пазарот на недвижностите за 2025 година наведе дека за годинава се прогнозира умерен раст на пазарот со зголемен интерес за инвестиции и продолжен раст на закупи.
Во 2025 година становите останаа најдоминантен сегмент на пазарот и учествуваа со 33 проценти во вкупниот број купопродажби и 48 проценти од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9 проценти, нивната вредност пораснала за 10,8 проценти.
Најактивни општини се Центар, Аеродром и Карпош, кои исто така имаат и највисоки просечни цени на становите, од 1.692 евра/м²; 1.558 евра/м² и 1.419 евра/м².
Најскапиот стан е продаден во Аеродром за 166.500 евра, а најскапата куќа е продадена во општина Центар за 1.500.000 евра. Најскап деловен простор е продаден во општина Центар за 6.800.000 евра.






