„Да го потсетам Филипче дека одредбата од Законот за вино, која дозволува кратење од 8% од цената на грозјето од страна на винариите, е донесена токму во времето на СДС и неговата влада. Ако Филипче не знае, лозарите многу добро паметат дека токму во времето на СДС грозјето се истураше пред винариите,“ изјави Трипуновски, додавајќи дека сегашната влада исплатила над 11 милијарди денари за заостанати и тековни обврски кон земјоделците и утврдила највисока откупна цена за Вранец и Смедеревка.
Според него, за кусо време биле оспособени системи за наводнување, објавен јавен повик за инвестиции во опрема, како и подготовка на нов закон за жестоки пијалаци.
„Земјоделството е приоритет на Владата, а земјоделците сега имаат вистински партнер,“ нагласи Трипуновски.
Од СДСМ, пак, со спротивни тврдења. Претседателот на партијата, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања, истакна дека владата ги оставила лозарите без соодветна поддршка и дека откупната цена на грозјето е многу пониска од лани.
„Цената на откуп е зголемена за само половина денар, а не се земени предвид поголемите трошоци за нафта, работна рака и третмани на лозјата. Дополнително, не се вкалкулирани и двата денари субвенција по килограм што лани ги добиваа лозарите. Практично, оваа година откупната цена е многу пониска,“ рече Филипче, додавајќи дека владата субвенционира два денари по литар вино на винарии за ланското грозје, со што, според него, се штити само крупниот бизнис.
Тој најави дека СДСМ ќе поднесе законски предлог кој ќе се темели на барањата на лозарите и ќе значи три денари повеќе по килограм произведено грозје.
„Искрено се надевам дека власта ќе има слух и ќе ги поддржи лозарите, затоа што станува збор за област од која живеат над 10.000 луѓе во Македонија,“ порача Филипче.






