„Берзата за нафтата се затвори во четвртокот заради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денари. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се корегира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека но сигурно истекува попустот што го дава Окта од 3 денари за дизелот ќе ги обновиме разговорите со нив за да видиме дали ќе го продолжат попустот и понатаму. Доколку го продолжат понатаму ќе нема зголемување за дизелот од максималната цена што ја утврдува Регуалаторната комисија за енергетика. За бензините значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку Окта го продолжи попустот од два денара за литар тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините“, изјави Мицкоски и додаде дека секако тоа ќе се одрази на Буџетот.
Намалената акциза, како што рече, ќе влијае со десетици милиони евра на Буџетот, но додаде дека во Буџетот има доволно средства заради домаќинското работење.
Најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, а за понатаму, како што кажа, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме.






