вторник, 20 јануари 2026

Цариниците запленија девизи, злато, цигари, бижутерија, ракија…

Царинската управа информира дека нејзини службеници и мобилни царински тимови откриле неколку обиди за шверцување разновидна стока и неколку обиди за шверц на поголеми суми девизи.

Објавено на

часот

Сподели

Царинската управа информира дека нејзини службеници и мобилни царински тимови откриле неколку обиди за шверцување разновидна стока и неколку обиди за шверц на поголеми суми девизи.

Кај двајца грчки државјани, кои се пријавиле за излез од државава на граничниот премин Табановце, биле откриени непријавени 13.900 евра, три златни монети и една златна плочка од 90-ина грама.

„При личен претрес на лицата во џебот од јакната на возачот биле пронајдени 23.900 евра, а во неговиот паричник и во предниот џеб од панталоните биле пронајдени 3 златни монети, секоја со маса од речиси 8 грама и една златна плочка со маса од 90-ина грама. Во согласност со законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 13.900 евра, златните монети и златната плочка се привремено задржани“, соопшти Царинската управа.

Управата информира и дека при контрола на автомобил, кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Ќафасан, кај совозачот биле пронајдени непријавени 20 илјади евра. Појаснува дека според Законот за девизното работење, на странката ѝ биле вратени 10 илјади евра, а другите 10 илјади евра се привремено задржани.

На излез од државата на граничниот премин Богородица, пак, кај четворица патници се пронајдени вкупно 20.000 евра, односно секој од нив со себе носел по 5.000 евра, сума која е потребно да се пријави и за која е потребна потврда од овластена банка или менувачница при изнес од државата.

Според Законот за девизното работење, на секој од патниците му се вратени по 2.000 евра, а остатокот од 3.000 евра или вкупно 12.000 евра се привремено задржани.

„Триесет штеки цигари со турски акцизни маркички, 279 парчиња накит – бижутерија и 30 килограми мониста се пронајдени од царински службеници при контрола на автобус со турски регистарски таблички пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Цигарите биле пронајдени во фабричка празнина во просторот за одмор на возачите, а накитот бил пронајден во кеса сместена во багажниот простор на автобусот. Вредноста на непријавените производи изнесува 73.780 денари, а избегнатите давачки се во износ од 75.038 денари“, се наведува во соопштението.

Во чанта на патник, странски државјанин со пријавено живеалиште во Прилеп, кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Стење, пронајдени биле 17 шишиња со течност за инјекции за животни од 100 и 250 ml, кои се привремено одземени.

„На влез на граничниот премин Табановце се пријавил патник, кој со себе имал АТА-карнет, но при контрола од страна на царински службеници во багажниот простор помеѓу пријавените музички инструменти пронајдени се и четири парчиња нови звучни кутии, употребувана електрична гитара и употребуван модул за електрични тапани, кои не биле опфатени во АТА-карнетот, а патникот не ги пријавил“, соопшти Царинската управа.

На граничниот премин Табановце, по насоки од Одделението за дежурен царински центар, извршен бил детален преглед на возило, при што се пронајдени 60 литри домашна ракија.

„Возачот пријавил само неколку мали канти со сирење и патнички торби, а ракијата, која била во пластични шишиња и туби, е откриена во задните врати под тапацирот, во покривот, под хаубата и во патнички торби“, стои во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ